Кочанските титовисти, членови на здружението „Јосип Броз – Тито" по деветти пат го одбележаа 25 мај – Денот на младоста и роденденот на маршалот на некогашната заедничка држава, кој е нивен патрон.

Одбележувањето започна од седиштето на здружението кај Градскиот пазар, од каде во колона од возила со знамиња, фотографии и други обележја на поранешната СФРЈ посетија неколку населени места во општината. Потоа, во придружба на најмладите членови, кои симболично ја носеа рачно изработената штафета, продефилираа низ Кочани и се собраа на заедничка свеченост во централното градско подрачје.

– За нас ова е еден од најсветлите денови во историјата, затоа што се слави младоста, се слави времето кога многу подобро се живееше, кога сите вистински се почитувавме и се чувствувавме горди. Токму затоа, наша единствена желба е младите поколенија еден ден да живеат во мир и благосостојба какви што некогаш имавме ние постарите. Не само во мислите, туку и вистински да се вратат времињата кога бевме побезгрижни, кога од Гевгелија до Крањ се патуваше без пасош, а сегашните поделени балкански народи славеа заеднички празници. Иако изгледа како утопија, сепак тоа што секоја година добиваме сè повеќе приврзаници и поддржувачи е потврда дека оваа желба не е само наша, туку на голем број македонски и граѓани од останатите некогашни југословенски републики, истакна Трајан Трендов, претседател на здружението „Јосип Броз – Тито".

На прославата на Денот на младоста во Кочани имаше и гости од неколку други градови од државата, како и новинарска екипа од Белград која подготвува специјална репортажа за настанот.

Здружението „Јосип Броз – Тито" од Кочани, кое брои над 200 активни членови од кои триесетина се млади активисти, е едно од ретките во нашата земја кое редовно ги одбележува настаните и датумите поврзани со историјата на поранешната југословенска држава. Освен тоа, досега има организирано и повеќе хуманитарни активности за доброволно крводарување и собирање помош за социјално загрозени граѓани.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/05/2019 18:39