По неодамнешната нормализација на односите со Грција и подобрените изгледи за забрзување на приближувањето кон ЕУ, темпото на реформи за поттикнување на одржлив раст се смета за клучно
Стратегијата следи по решавањето на спорот за името помеѓу Македонија и Грција, со што се подобри надворешното опкружување.
Стратегијата ја потенцира потребата за развој на приватниот сектор, транзиција кон зелена економија и понатамошна регионална интеграција.
Бордот на директори на ЕБОР ја одобри новата Стратегија за Северна Македонија за нејзиниот ангажман во земјата во наредниве пет години, до 2024 година, само неколку месеци откако стапи на сила Договорот за решавање на спорот со името и стратешкото партнерство со соседна Грција. Како резултат на надежите за забрзување на процесот на приближување кон Европската унија и сè поголемата доверба на инвеститорите, новата стратегија потенцира дека темпото на идните реформи е клучно.
„Изгледите за забрзување на интеграцијата во Евро-атлантските институции, особено приближувањето кон ЕУ, продолжуваат да бидат клучен столб за структурни реформи и фактор на стабилизација“, наведува документот. Исто така истакнува дека подобрените врски со Грција и другите соседи „придонесуваат за зголемена доверба на инвеститорите“.
Стратегијата за земјата на ЕБОР го нарекува овој момент ,,историска крстосница“ и констатира: „Многу нешта ќе зависат од актуелниот опсег и темпо на реформски напори за насочување на земјата кон патот на одржлив и инклузивен раст.”
Стратешките приоритети на ЕБОР за следните 5 години се: 1) поддршка на конкурентноста преку подобрување на синџирите на вредности, надградба на вештините на работната сила и зајакнување на управувањето; 2) јакнење на регионалната интеграција, ,,меко” поврзување и поддршка на приближувањето кон ЕУ, и 3) поддршка на транзицијата кон зелената економија преку поодржливи енергетски комбинации и поголема ефикасност на ресурсите.
„Регионалната интеграција ќе биде насока по која ќе се раководат инвестициите на Банката и активностите поврзани со политиките, а посебен акцент ќе биде ставен на испитувањето на синергиите со активностите на Банката во соседните економии“, се наведува во стратегијата.
Реалниот раст на БДП во Северна Македонија во 2018 година изнесувал 2,7 проценти, а во 2019 година се предвидува да се зголеми на 3 проценти, како резултат на силниот раст на извозот и закрепнувањето на потрошувачката, како во приватниот, така и во јавниот сектор.
ЕБОР е главен инвеститор во Северна Македонија и досега има инвестирано приближно 2 милијарди евра во 115 проекти.
ЕБОР е мултилатерална банка посветена на развој на пазарно ориентираните економии и промовирање на приватната и претприемачката иницијатива во повеќе од 38 земји на три континенти. Банката е во сопственост на 67 земји, Европската Унија и Европската Инвестициона Банка. Инвестициите на ЕБОР се наменети за зајакнување на регионалните економии во регионите во насока на поголема конкурентност, добро-владеење, зелена и интегрирана економија. Следете нé на веб страната, Фејсбук, Инстаграм, Твитер и Јутјуб.