Премиерот Зоран Заев заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, директорите на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, на Царинската управа Ѓоко Танасоски и неговите советници за економски прашања, одржале неколкучасовна средба со претставници на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство на која отвориле дискусија за поединечни предлози и решенија кои директно би помогнале за подобрување на условите за водење бизнис во државата.

Како што информира владината прес-служба, на средбата што се одржала вчера попладне, премиерот Заев ја поздравил иницијативата на претставниците на странските компании, истакнувајќи дека со дел од нив се среќава и во други прилики и истакна дека Владата е одлучна и посветена да го продолжи ваквиот начин на систематизиран пристап, што е од голема помош за изнаоѓање на флексибилни решенија и се изнесуваат можностите кои државата ги презема со цел да им излезе во пресрет на компаниите.

– Од висок државен интерес е вашата успешност, вашата профитабилност, со што ги потврдувате нашите надежи дека ќе го проширувате производството и ќе продолжите да бидете и во иднина, најголемиот мотиватор за привлекување на странски инвестиции во државата, рекол премиерот Заев, подвлекувајќи дека успешните резултати на компаниите помагаат за зголемување на Бруто домашниот производ (БДП) и интересите се заеднички и со единствена цел уште поголемо подобрување на економските параметри и подигнување на животниот стандард на граѓаните.

Вицепремиерот Анѓушев истакнал дека Владата останува отворена да ги слушне потребите на компаниите и дека ќе води постојан дијалог со сите компании, со странски, но и со домашен капитал, во интерес на економскиот развој на државата и подигнување на животниот стандард на граѓаните.

-За постигнување на повисоки стапки на економски раст, Владата е фокусирана на поддршка на индустријата, градежништвото, земјоделството и раст на трговијата како придружна гранка на претходните три. Со оглед на тоа што како држава не располагаме со природни ресурси како нафта и гас, а туризмот е гранка која има релативно ограничен потенцијал на раст, Владата е насочена на силна поддршка на индустријата и креирање на подобри услови за водење на бизнис во државата и преку креирање на квалитетна легислатива, но и со изградба на квалитетна инфраструктура, потенцирал Анѓушев.

Како што нагласил претседателот на Асоцијацијата Виктор Мизо, компаниите кои работат во технолошко индустриските развојни зони и во индустриските зелени зони доставиле барања и предлог решенија за подобрување на условите за водење бизнис во земјава, согласно истакнати реални предизвици со кои се соочуваат, а врз основа на позитивни деловни практики и компаративни искуства во областа, со кои сметаат дека нивната работа ќе биде поефикасна, а воедно ќе се поедностават одредени административни процедури.

-Посветеното работење на привлекувањето нови странски инвеститори и на одржувањето на контакти со постојните инвеститори, но и на поттикнувањето на домашните компании да се вклучат во синџирот на набавки на мултинационалните компании треба да продолжи и во иднина, верувајќи дека ваквите средби се добра можност за размена на мислења и ставови коишто ќе прераснат во платформа за постојан канал на комуникација со Владата и дека ќе се воспостави систем за одржување на редовни консултации на квартално ниво, посочила на средбата Јелисавета Георгиева-Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија.

Претставниците на 24 компании, членки на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство, кои присуствуваале на состанокот, изразиле задоволство од условите за водење на бизнис и поддршката од страната на Владата и сите најавија дека согласно бизнис плановите, во периодот кој следи очекуваат зголемување на нивните приходи, проширување на производството и нови вработувања. Компаниите-членки на оваа Асоцијација кои се претставуваа поединечно, пред владиниот тим презентираа податоци дека во 2018 година вработуваат повеќе од 20 илјади работници со вкупно остварени годишни приходи од над 2,5 милијарди евра.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/05/2019 12:12