На повикот за комерцијализација на иновации се доставени 487 апликации со инвестицискапрограма од 105 милиони евра и проекција за 2.726 нови работни места. За реализација на нивниот план фирмите побаруваат 75 милиони евра, 14 пати повеќе од расположивите пет милиони евра што се доделуваат со повикот преку Фондот за технолошки развој и иновации, како дел од владиниот План за економски раст. Останатите 35 милиони евра треба да бидат лични вложувања на апликантите.

Директорот на ФИТР Јован Деспотовски денеска информираше дека во однос на минатата година двојно е зголемен интересот на годишениот повик, што траеше 50 дена и заврши на 15-ти месецов. Во тек е административната проверка на апликациите, по која во прва фаза тие ќе бидат оценувани од 50 домашни експрти, а во следната фаза од пет меѓународни.

– Резултатите од евалуацијата се очекувааат во средината на јули, а првите договори да бидат потпишани во август или септември, најави Деспотовски, истакнувајќи дека ќе се направат заложби да се зголеми износот за поддршка на фирмите затоа што ова е еден од поефикасните мерки на економската политика на Владата.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев потенцираше дека вкупно за компонентата за комерцијализација на иновации се планирани 10,5 милиони евра и покрај тековниот треба да има уште еден во септември.

– Со оглед на тоа дека добивме квалитени апликации ќе видиме како ќе ги распределиме и ќе се обидеме да детерминираме колку што може повеќе средства преку дозволени програми и без пребуџетирање да обезбедиме средства. Ќе има предизвик, не ние, не Фондот, не мојот Кабинет, туку експертите кои ќе треба да ги евалуираат проектите да изберат најдобри проекти, рече Анѓушев.

Лани се распределени 17 милиони евра, годинава се предвидени 10,5 милиони евра чиј цел износ, како што посочи, ќе се види до крај на годината. Дополнително следниот месец ќе има повик и за доделување финансиска поддршка преку ФИТР за технолошки развој.

Деспотовски прецизираше дека гледано по дејност, на повикот и натаму се доминантни ИТ компаниите со 126 апликации, но зголемен е интересот и на традиционалните индустрии. Првпат беше дозволено учество на повикот и на приватни здравствени установи од кои има 35 апликации. Со 255 од вкупно пристигнатите 487 апликации доминантни се микро компаниите каде спаѓаат и старт ап фирмите, а конкурирале 207 мали фирми и 25 средни. Од Скопје има 270 апликации, а над 200 се од останатиот дел на државата. Минатогодишните инвестициски проекти изнеусвале 52 процента, а годинава се зголемени двојно. Вредноста на апликацијата лани во просек била 115 илјади евра, а годинава е 215 илјади.

Во фирмите што лани добиле финансии по основ на комерцијализација на иновација биле отворени 800 работни места, а биле исплаќани плати во просек од 40.000 денари. За три компании од минатогодишниот повик Фондот за иновации до Антикорупциската комисија достави барање за мислење дали во постапката имало прекршување на која било регулатива. Согласно проценката на ризик Комитетот за распределба на финансиите треба да донесе конечна одлука.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/05/2019 15:21