Земјава не може да собере квалитетни докази за да го докаже перењето пари и финансирањето тероризам без помош од земји што имаат развиена финансиска разузнавачка мрежа, ако станува збор за големи предмети со големи суми. За поддршка во таа насока ќе придонесе денеска потпишаниот Меморандум за соработка во размена на информации и знаења за сузбивање даночни и царински кривични дела и перење пари со Обединетото Кралство. Лани се поднесени 42 кривични пријави за даночно затајување во земјава, а годинава една.

Меморандумот за соработка е потпишан меѓу Управата за царински работи и приходи на Обединетото Кралство и Министерството за финансии на Република Северна Македонија и неговите управи, односно: УЈП, Царинска Управа, Финансиска полиција и Управата за финансиско разузнавање.

Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека еден од приоритетите на Владата е сузбивање на неформалната економија и корупцијата, а потпишаниот меморандум ќе даде придонес во тоа.

Тевдовски посочи дека земјата, првпат, има Стратегија за формализација на неформалната економија и дека веќе се спроведени активности од Акцискиот план.

– Во рамки на тие активности се Законот за спречување перење пари со кој ги ограничивме готовинските трансакции во вкупниот промет. Исто така, во рамки на тие активности се работи на креирање систем на соработка на институциите во областа на сузбивање на неформалната економија на национално и на локално ниво, преку размена на податоци. Се работи и на јакнење и унапредување на капацитетите на институциите, дигитализирање на нивните процеси, кои веќе даваат резултати во подобрена наплата на приходи во буџетот, рече министерот за финансии и посочи дека од минатата година земјата е и членка на БЕПС Инклузивната рамка, развиена од страна на ОЕЦД- каде заедно со уште 128 земји учествува во преземање мерки за спречување на можностите за одбегнување на плаќање на данок.

Британската амбасадорка во земјава Рејчел Галовеј истакна дека Обединетото Кралство инвестира во развој на капацитетите во регионот на Западен Балкан.

-Треба да работиме заедно во сузбивање на прекуграничниот криминал. Соработката меѓу властите и царинските управи е клучна во развојот на здраво и стабилно партнерство, кое ќе придонесе за поголема сигурност и просперитет, порача амбасадорката.

Директорот на Управата за царински работи и приходи на Обединетото Кралство Ендру Павлинич посочи дека Република Северна Македонија е лидер во иницирање размена на информации на Западен Балкан.

Тој додаде дека на барање на директорот на Царинската управа на Република Северна Македонија, Ѓоко Танасовски, Управата за царински работи и приходи на Обединетото Кралство поддржала иницијатива за размена на податоци помеѓу царинските управи на Северна Македонија, Црна Гора, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Албанија, согласно системот на Светската царинска организација.

Директорот на Царинската Управа Ѓоко Танасоски рече дека последните две години се интензивира соработката со царинските органи на Обединетото Кралство во насока кон подобрување на постојните и примената на нови техники на работење преку размена на информации и најдобра практика во областа на борбата против криминалот, забрзување на царинските постапки и трговијата воопшто.

Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на потпишувањето на Меморандумот изјави дека Управата спроведува повеќе мерки за спречување одлив на средства од буџетот.

-Во тој контекст, кон крајот на 2018 година се донесени измени во Кривичниот законик при што се пропишани нови кривични дела ,,даночна измама” и ,,избегнување плаќање акцизи”, со што се прецизираат и санкционираат дејствијата што директно го оштетуваат буџетот, рече Лукаревска.

Таа посочи дека иако пропишувањето на јасна и прецизна законска регулатива како и подобрување на соработката помеѓу институциите е значаен исчекор во борбата против даночните затајувачи, сепак во современите економски текови во меѓународната трговија неопходно е подобрување на меѓународна соработка со даночните администрации од други земји.

Директорот на Управата за финансиско разузнавање Блажо Трендафилов оцени дека перењето пари и финансирањето тероризам се едни од најкомплексните кривични дела за докажување.

-За големи предмети со големи суми каде што се вклучени меѓународни криминални групи, без помош од државите како што е Велика Британија, која има развиена финансиско разузнавачка мрежа, ние како држава не би можеле да собереме квалитетни докази за да го докажеме перењето пари и финансирањето тероризам, истакна Трендафилов.

Директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми рече дека Управата со воведувањето на новото кривично дело „даночна измама“ се подготвува за превенирање и спречување на даночните затајувања и даночните измами особено со влезот на Република Северна Македонија во Европската унија кога ќе се врши и враќање на данок на додадена вредност со употреба на фактури за набавени стоки и услуги од земји на Европската унија.

Тој посочи дека во текот на минатата година се поднесени 42 кривични пријави за даночно затајување, а годинава една.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/05/2019 16:10