Управата за јавни приходи денеска и утре е домаќин на Форумот за имплементација на мерките за борба против даночната евазија (Base Erosion and Profit Shifting – BEPS).
Форумот, организиран од Меѓународната организација на даночните администрации (IOTA), го отвори директорката на УЈП Сања Лукаревска. Присутни се 54 учесници од даночни администрации од регионот, земји членки на ЕУ и останати даночни администрации, како и предавачи од Организацијата за економска соработка и развој (OECD).
УЈП е членка на IOTA од 1997 година и од тогаш активно учествува и организира различни настани во рамките на IOTA, а со цел подобрување на даночната легислатива и даночните процеси.
– Република Северна Македонија е 117 членка која се приклучи на инклузивната рамка на BEPS, и се обврза да имплементира четири минимум стандарди. Приклучувањето кон Рамката и даде на нашата земја можност да работи заедно на еднакво рамниште со другите земји од ОЕЦД и Г-20 за постојано спроведување на пакетот BEPS и за развој на понатамошни стандарди за решавање на преостанатите проблеми на BEPS. Овој настан ќе помогне и ќе придонесе за поголемо разбирање на процесот на имплементација на BEPS, како и почитување на меѓународно договорените стандарди, велат од УЈП.