Ние, долупотпишаните граѓански организации, тргнувајќи од јавниот интерес како врвен принцип на водење и практикување политика,ве повикуваме Вас, Владата и сите надлежни институции,во најитен можен рок јавно да се произнесете и да покажете суштинска волја за борба против урбанистичкото дивеење, владеењето на правото и распродавање на јавниот интерес, во врска со Деталните урбанистички планови во Скопје.

Еден од многуте, но последен драстичен пример е ДУП за градската четврт Ц 08Ново Маало 2 (паркингот спроти хотел ХолидејИн), парцела за која Државната комисија за спречување корупција најави дека ќе истражува дали е незаконско окрупнувањето на земјиштето кај оваа локација и ќе се испитува дали се прекршени основните начела за заштита на животната средина со изградбата на предвидените висококатници.

Јавниот интерес и правото на живот во здрава и чиста животна средина мора да е врвно начело на управување со државата. Обврска на Владата е да го одржува и штити јавниот интерес и да интервенира и санкционира кога тој е загрозен.

Постапката за изработка на нов детален урбанистички план за Градската четврт Ц08 Ново Маало 2 е започната, заедно со планската програма која е сржта на планот и на вредностите на кои тој ќе се базира. Планерите законски мора да ги испочитуваат тие насоки. Потсетуваме дека ДУП Ц08 -Ново Маало 2 беше ставен под т.н."мораториум", односно неизвршување, со стручно докажани бројни аргументи за прекршувања на параметрите од Генералниот урбанистички план на Град Скопје (наброени подолу). Сепак, Министерството за транспорт и врски дозволи продажба на државното земјиште по тој ДУП.

Со молчењето на Владата и покрај бројните реакции на јавноста се создава впечаток дека не се почитува интересот на граѓаните, ниту стручното мислење зошто овој ДУП не смее да се извршува. Потсетуваме дека овој план се изработува од приватна фирма која го добила тендерот со цена од само еден (1) денар по хектар, што отвора простор за сомнеж за тоа чии интереси таа ќе остварува. Објавено е дека Државната комисија за спречување корупција отвори постапка за утврдување на ризици за склучување на коруптивни договори при јавни набавки за изработка и ревизија на ДУП-овите во Општина Центар.

Владеењето на правото во една држава се гледа и во пристапот кон решавањето на просторот кој е необновлив ресурс во урбаните средини.

Затоа бараме:

– Владата да го поддржи мораториумот на Општина Центар за ревидирање на ДУПЦ О8, како и сите други ДУПови кои со стручна анализа се докажани како неусогласени со ГУП, а со тоа погубни за центарот на Скопје.

– Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје да дадат јавни изјави и да се обврзат дека нема да издадат согласности за ДУП-ови кои не се усогласени со ГУП, со Уставот, како и со законите на РСМ.

Дополнително, Ве повикуваме за поддршка на барањето за законито работење и на други институции и органи и тоа:

– Инспекторатите за урбанизам и за градежништво

– Државниот правобранител кој по функција треба да го штити државниот имот

– сите оние кои досега ги одобрувале планови спротивно на ГУПот и интересот на граѓаните.

Во исто време бараме да се спречат опструкциите за изработка на поквалитетни планови, кои доаѓаат од изработувачите на плановите кои одбиваат да постапат согласно стручните барања. Тоа се истите изработувачи на планските решенија за катастрофалниот проект „Скопје 2014", кои и денес ја загрозуваат ефикасноста на целиот процес за квалитативно подобрување на ДУП-овите.

Сметаме дека оваа локација заслужува отворен архитектонски конкурс и максимално инклузивен процес во донесувањето на планот. Градската четврт Ц 08 Ново Маало 2 е последна поголема неизградена локација во центарот на градот. Таа е ултимативната Шанса за Скопје која мора да се искористи во име на граѓаните, а не во интерес на инвеститорите.

Бараме од Вас јавно да покажете дека не го поддржувате финалното уништување на главниот град со реализација на лоши планови. Очекуваме институциите на системот да ги стават граѓаните на прво место и да преземат конкретни чекори. Во спротивно ќе побараме политичка и кривична одговорност за сите соучесници во урбанистичкото дивеење врз градот.

Време е да се докажат поинаквите вредности за кои сите декларативно се залагаме.

Потписници:

Здравје пред профит во Центар

Институт за демократија Социетас Цивилис – Скопје (ИДСЦС)

Институт за комуникациски студии (ИКС)

О2 Иницијатива

Македонски еколошко друштво (МЕД)

Македонски институт за медиуми (МИМ)

Центар за економски анализи (ЦЕА)

Центар за европски стратегии Евротинк

Ние сме Карпош 4

Плоштад Слобода

Прима Центар

Скопје Креатива

Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата

Нво Инфоцентар Скопје

Коалиција за одржлив развој – КОР Скопје

Аргументи кон јавниот повик

Градот по изградбата на Скопје 2014 трпи драматични последици кои се гледаат во изразената социјалната нееднаквост, во концентрирањето на капитал и интерес за градби на мал простор кој е задушен, небезбеден и неквалитетен, но најмногу, се гледа во крајно влошената животна средина и екстремно загадениот воздух. Вредностите за кои ќе се определиме треба да се водилка во планирањето на градот. Изградената површина не смее да биде централна мотивација на планерите, туку создавањето на квалитетен простор кој ќе ја зголеми и добивката на инвеститорите. Ни треба планирање што ќе го штити јавниот интерес, бидејќи тој е основната поента на урбанизмот. Очекуваме и бараме при планирањето на оваа четврт конечно да видиме вистински урбанизам кој ќе биде пример за поинакво урбанистичкото планирање во Скопје, планирање од кое нема да се срамиме.

За секој урбанистички план е потребна согласност од низа институции кои треба да го штитат владеењето на правото и јавниот интерес, правото на граѓаните на здрава животна средина, безбедност, како и да овозможат основни комунални и социјални сервиси и услови за квалитетен живот. Веруваме дека по овој допис, освен Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), ќе се произнесе и Јавното обвинителство и ќе започне истрага за сите нелегалности при носењето на урбанистичките планови за град Скопје, за отуѓувањето на парцелата спроти хотелот Холидеј Ин, но, и за сите парцели кои од државна сопственост за ниска пазарна вредност се продадени на приватни инвеститори.

Дел од аргументите за поддршка на мораториумот се следни:

· ДУП-от што е под "мораториум" не е усогласен со законот од повисок ранг, т.е. Генералниот урбанистички план (ГУП) на Скопје донесен на 4.12.2012, а со важност до 2022 година и дополнително прекршува низа правилници и закони.

· Најгустите делови во најгустите градови на светот имаат густина од максимум 120.000 жители / км2. Четвртта Ц 08 би имала двојна густина и нехумана пренаселеност

· Потребното паркирање за станбените и комерцијални површини предвидени во спорниот ДУП за 3.5 пати го надминува капацитетот на просторот. (при паркирање во 2 подземни нивоа), а сите возила треба да влезат преку улицата Мирче Ацев и тоа само преку еден влез кој истовремено е и главниот влез во јавниот простор.

· Планот со 100-процентна изграденост на парцелите, при дозволени максимум 70% за парцели во кои има домување, не е во согласност со Законот за урбано зеленило кој побарува барем 20 % озеленување во парцела.

· Новиот план за овој ДУП не само што треба да ја напушти максималната изградба како основна вредност и да ги усогласи нумеричките параметри за изграденост и број на жители со ГУП-от, туку морада биде и квалитативно подобар нудејќи повисоки вредности.

Веруваме дека сите повикани ќе се изјаснат во најкус рок и дека со вашата јавна поддршка на нашите барања ќе поттикнете пошироко граѓанско учество во креирањето политики и континуиран дијалог за поквалитетно живеење. Да покажеме дека спроведуваме барања и прифаќаме вредности кои се на европската агенда за законитост и за почитување на правото, за функционални институции и за борба против корупцијата. Новата декларација на EUROCITIESза граѓанско учество наведува дека токму ова е предуслов во партиципативната демократија која треба да ги инспирира сите нивоа на власта.

Партиципативноста за која се залагаме треба да отвори дијалог за да ги праша граѓаните: Во каков град сакаме да живееме? Пешачки, велосипедски, зелен или забетониран? Град со ефикасен или заглавен сообраќај? Град кој го почитува или го уништува своето наследство?

Учеството на стручната фела е важно, и сметаме дека оваа локација заслужува отворен архитектонски конкурс и максимално инклузивен процес во донесувањето на овој план.

Градската четврт кај паркингот на Холидеј Ин, Ц 08 Ново Маало 2 е последна поголема неизградена локација во центарот на градот. Таа е ултимативната #ШансаЗаСкопје која мора да се искористи во име на граѓаните, а не во интерес на инвеститорите.

Новиот план за овој ДУП мора да ја напушти максималната изградба како основна вредност и мора да биде и квалитативно подобар нудејќи повисоки вредности. Постапката за изработка на нов детален урбанистички план за Градската четврт Ц08 Ново Маало 2 е започната, а планерите мора да ги почитуваат тие насоките од планската програма.

1. Ц0 8 = Ново зелено срце на Скопје како контратежа на Скопје 2014

Со Скопје 2014-та се уништи срцето на градот во смисла на јавни простори, изгубено зеленило, градителско наследство, заштита од поплави, па и идентитетот на градот. Со паметно планирање може и мора да се рехабилитира центарот, да му се даде нов живот, да се создаде ново, зелено срце на градот и тоа треба да биде една од целите на планската програма. Бараме со планот да се надомести изгубеното зеленило во центарот на град Скопје преку голема јавна парковска површина, но и преку задолжителна озеленетост на парцелите дефинирана со Законот за урбано зеленило (минимум 20%). Моменталните трендови во планирањето во развиените земји и ЕУ се за "градови сунѓери" кои ги впиваат атмосферските води, ги намалуваат температурите, наспроти бетонираните градови. На Скопје му е потребен нов простор за социјализација на граѓаните, нов современ "зелен" идентитет, кој ќе се изрази и преку архитектурата, и преку планирањето.

2. Заштита на здравјето, справување со климатски промени, поплави, рушење и други непогоди Планот мора да води сметка за јавниот интерес, а со тоа и на заштита на животот и здравјето на граѓаните, психичкото здравје, социјализација, наместо осаменост. Со зелен простор ќе се помогне во справувањето со последиците од загадувањето, бучавата, топлотните острови и неотпорноста кон климатски промени кои изградбата на Скопје 2014 се случија во центарот на градот. Иако и Градот и државата имаат стратегии и документи со кои овие прашања се третираат, нивното неспроведување ги остава граѓаните да живеат во небезбедна и нездрава средина.

3. Скопје е град на река и треба да се отвори кон неа

Со уникатната позиција во строгиот центар и покрај реката Вардар, овој простор мора да покаже отвореност кон реката, наместо затворање со огромни објекти на парцелите кон Кејот. Таа отвореност ја има во концептот за Републичкиот центар кој бил планиран на оваа локација после земјотресот. Во планската програма треба да се зададе задача да се создаде отворен простор кон реката и да се поврзат левиот и десниот брег со пешачки мост. Скопје треба да престане да и' врти грб на реката и да почне да ја почитува во своите планови.

4. Почит кон градителското наследство

Планот мора да покаже почит кон околното градителско наследство: концептот на Градски Ѕид и потковицата која ја оформува по текот на Голем Ринг, комплексот банки, Градскиот трговски центар, Домот на синдикати – објекти кои се бисери на Модерната во Скопје. Овој простор не функционира како засебен остров. Планот мора да ја почитува и воспоставената пешачка оска од Транспортен центар до Градски трговски центар и да и' даде нова артикулација.

5. Скопје – Град за луѓе

Планот треба да се базира на принципите на градови за луѓе, да предвиди живи јавни простори, широки пешачки патеки, широки велосипедски патеки, убави големи дрвореди. По текот на пешачките оски планот треба да понуди јавни простори и соодветни јавни содржини кои му недостасуваат на градот. Планот не смее да создаде дополнителни сообраќајни проблеми и точки на застој на автомобилскиот сообраќај. Треба да даде примат на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај, на трамвајската траса, а влезовите и излезите за автомобили соодветно да ги испланира со што ќе се овозможат повеќе пристапи.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/06/2019 15:53