Во објава на својата официјална страна на фејсбук, градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски се осврна на изборните резултати и побара оставка од градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска, бидејќи како што вели Стефковски тоа е волјата на скопјани.

Во објавата Стефковски пишува:

Време е Скопје да се врати на скопјани, а Данела Арсовска да поднесе оставка!

Кредибилитетот и легитимитетот на секој вршител на јавна функција која се избира на непосредни избори извира и им припаѓа директно на граѓаните, без разлика дали се работи за претседател на држава, пратеник, градоначалник или советник..

Бројките велат дека во 2021 година, Данела Арсовска е избрана за градоначалник на градот Скопје со гласовите на 118.545 скопјани, а на вчерашните избори Данела Арсовска преку нејзината партија во општините Гази Баба, Ѓорче Петров, Бутел, Чаир, Кисела Вода, Аеродром, Центар, Сарај и Шуто Оризари освои вкупно 2584 гласови.

По ваквиот резултат јасно е дека Данела Арсовска го загуби кредибилитетот да продолжи да го води градот Скопје.

Скопје му припаѓа на скопјани, а не на Данела Арсовска.

Скопјани вчера и порачаа на Арсовска дека е време да си замине!

Затоа ја повикувам Данела Арсовска да поднесе оставка од функцијата градоначалник на градот Скопје, бидејќи тоа е волјата на скопјани.

Време е Скопје да се врати на скопјани! - пишува Стефковски.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/05/2024 11:48