Одржливите финансии играат важна улога за подобрување на економската ефикасност, просперитет и конкурентноста на една земја. Координацијата помеѓу Народната банка и Министерството за финансии е клучна за одржување на макроекономската и финансиската стабилност, што е предуслов за инклузивен и одржлив раст. Ова го истакнала заменик министерот за финансии, Ширет Елези во обраќањето на тркалезната маса во рамки на годишниот состанок на Управниот одбор на ЦЕФ на тема „Ефективна координација на централните банки и министерствата за финансии“, што се одржува во Молдавија.
– Министерството за финансии во соработка со Народната банка во континуитет заеднички работат на закони од областа на банките, пазарот на капитал, платниот промет, девизното работење. Се подготвуваат нови законски решенија за подобрување на условите за тргување во финансиски инстументи. Воедно подготвен е и нов закон за платежни услуги и платни системи. Со донесувањето на новиот закон се очекува засилена конкуренција во платниот промет преку дозволен влез на пазарот на не-банкарските институции преку понуда на нови форми на плаќања базирани на ИТ технологија, истакна таа. Добрата координација на економските политики е дел од пристапниот процес кон ЕУ и е опфатена во поглавјето 17, со чија работна група раководи Министерството за финансии, нагласила Елези.
Во рамки на овој процес, соопштуваат од прес-службата на Министертството за финансии, два пати годишно претставниците на Министерството за финансии и Народната банка разговараат за макроекономските проекции со Европската комисија.
– Проекциите потоа се објавуваат во публикации за пролетните и есенските проекции на Европската комисија, каде има дел и за земјите кандидати. Како резултат на тесна соработка и координација на Министерството за финансии и Народната банка, во декември 2018 година се донесоа и стратегиите за денаризација и за справување со нефункционални пласмани, соопштуваат од Министертсвото.
Говорејќи за соработката која министерството ја има со Народната банка, Елези го нагласила и значењето на Меморандумот за разбирање и соработка во областа на финансиската стабилност и управувањето со финансиски кризи. – Согласно Меморандумот формиран е и Комитет за финансиска стабилност кој ги следи состојбите во финансискиот систем, ги идентификува и оценува опасностите и ризиците за финансиската стабилност и ги координира и договара заедничките активности на НБРМ и МФ, изјавила Елези.
На годишниот состанок, Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите треба да го потврди годишниот извештај за 2018 година и да ги разгледа темите поврзани со управувањето и со програмата. На средбата учествуваат високи претставници од министерствата за финансии и централните банки од земји членки на ЦЕФ.