Проекти за патна, железничка и енергетска инфраструктура во земјава денеска беа претставени од страна на владината делегација предводена од премиерот Зоран Заев, на инвестициски форум организиран од ЕБОР во Брисел. Интерес е пројавен за инвестистирање во железничката линија Кичево-Лин, интерконективниот гасовод со Грција, а разговорано е и за финансирање на автопатото од Скопје кон Блаце.

-Пред респектабилен собир на лица, кои се занимаваат со економската политика во рамките на ЕУ, имавме можност да ги претставиме економските проекти важни за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, како и да ги презентираме бенефитите од тие проекти за земјата и регионот. Разговаравме за подобрување на регионалната соработка и подобро поврзување на нашата земја со другите земји во регионот, при што ги претставивме проектите од патната и железничката инфраструктура, енергетско поврзување, односно изградба на далекуводи и гасоводот кон Грција. Добро е што меѓународните финансиски институции покажуваат интерес во насока на финансирање на инфраструктурните проекти, дел преку грантовата шема за Западен Балкан, а дел од нив преку кредитирање, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Тој додаде дека е претставено дека во нашата земја се отворени проекти за изградба на патна инфраструктура во вредност од над една милијарда евра, а посочено е дека е интензивирана изградбата на железницата кон Бугарија.

-Финансиските институции покажаа интерес во делот на финансирање на железничката делница кон Албанија на релација Кичево-Лин, во смисла на енергетика, постои интерес за финансирање на интерконективниот гасовод со Грција, повеќе финансиски институции покажаа интерес за овие проекти. Дополнително разговаравме за можност на финансирање на автопатската делница Скопје-Блаце, за подобро поврзување и интензивирање на соработката помеѓу нашата земја и Република Косово, изјава Анѓушев.

Министерот за финансии Драган Тевдовски, рече дека Северна Македонија креира европски систем на јавни финансии, преку спроведувањето на Стратегијата за управување со јавните финансии.

-Јавниот долг е ставен под контрола, обезбедена е фискална транспарентност, нов европски закон за јавни набавки и за релативно краток период од две години се направени реформи во јавните финансии кои Европската Комисија ги препознава, истакна Тевдовски.

Тој додаде дека според последниот извештај на Европската Комисија, Владата го подобри управувањето со јавните финансии. -Во извештајот, истакна, јасно се потенцирани клучните реформи како пензиската и даночната реформа, потенцирана е и транспарентноста во јавните набавки, како и подобреното таргетирање на социјалните трансфери. Сето ова носи кон стабилен и квалитетен систем на јавни финансии“.

На форумот „Северна Македонија: Забрзување на реформите, забрзување на европската интеграција“, на кој свои излагања имаа и поранешниот амбасадор на ЕУ во нашата земја Ерван Фуере, директорот на директоратот на Европската комисија за проширување Кристијан Даниелсон и заменик директорот на ЕБОР за политики и партнерство Пјер Ејлброн, беше истакнато дека Европската банка за обнова и развој е многу значаен партнер на Владата и дека е време е за создавање на подобра иднина за граѓаните, преку заедничка соработка, особено на економски план.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/06/2019 14:54