Дуалното образование треба да ја усогласи големата разлика што сега постои меѓу кадарот на располагање и реалната потреба на економијата. Во соработка со компании тоа веќе постои како експериментален проект во средни училишта во пет општини (Скопје, Кавадарци, Прилеп, Велес и Охрид) и опфаќа околу 200 ученици, но идејата на Владата е да стане системски и составен дел од средното стручно образование.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на трибина за предизвиците и идните чекори во дуалното образование, што денеска ја организираа Стопанската комора на Македонија и Европска бизнис-асоцијација, истакна дека искуствата се земаат од развиените земји, како Австрија, Германија, Швајцарија, но тие ќе се приспособат во модел соодветен на нашите услови и потреби.

Учениците ќе бидат вработени во компании уште додека се школуваат – ќе имаат одредени денови во седмицата кога во средните стручни училишта ќе следат теоретска настава, а во останатите денови практично ќе се едуцираат во компаниите. За разлика од развиените земји каде што во дуалното образование се вклучени цели паралелки, во нашиот, приспособен модел паралелките ќе бидат мешани и, како што рече Анѓушев, во секој град точно ќе се детектира какви се потребите на секоја компанија. Ученикот ќе учи и ќе работи во исто време, и во периодот на учењето ќе добива плата што законски ќе биде регулирана, и ќе биде здравствено и пензиско осигурен.

-Имаме конкретен план, точно знаеме каков модел треба да биде тој и се надевам дека од следната учебна година тој модел и ќе почне да функционира. Дотогаш ќе ги направиме сите потребни измени, а од овој септември ќе го засилиме капацитетот на средните стручни училишта кои пред 20 години беа генератор на индустрискиот развој на државата, истакна Анѓушев во изјава за медиумите.

Концептот дуално образование кај нас се применува од 2017 година кога во соработка со „ЕВН Македонија“ во средното скопско училиште „Михајло Пупин“ е отворена паралелка, а наредната 2018. се прошири во други општини со други компании-партнери.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми соопшти дека следната учебна година ќе бидат опфатени околу 300 ученици во училишта во кои ќе се промовира дуалното образование.

-Направивме доста промени за модернизација на средното стручно образование. Овој кадар е дефицитарен во нашето општество и спроведуваме кампања за да се отстрани митот дека нема работа со средно стручно. Според податоците од Агенцијата за вработување, 58 отсто од новите планирани работни места се наменети токму за лица со средно образование, рече Адеми. Посочи дека се направени нови наставни програми, практичната настава е двојно зголемена во однос на минатото, а се формираат и реални училишни компании со доделување грантови. Очекува дека средните стручни училишта ќе бидат привлечни за полуматурантите кои ќе се запишуваат за две недели. Со Конкурсот за 2019/2020 година, половина, односно 18.000 места, се слободни за стручните училишта.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека Владата сериозно се занимава со усогласеноста меѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд. Дуалното образование е долгорочно и стратешко усогласување, а покрај овој концепт се интервенира и со преквалификации и доквалификации, во соработка со бизнис-секторот. Притоа ги спомна Оперативниот план за вработување, Законот за практикантство и Младинската гаранција.

Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија која ја организираше трибината, посочи дека оваа реформа бара измена на многу закони, а темел на реформата, како што рече, е да се намали бројот на факултетите, а да се зголеми бројот на средните стручни училишта.

– Во моментов имаме 190 факултети, а 135 средни училишта. Странските инвеститори ќе имаат потреба од кадар и тој ќе мора да се создаде. Политиката на високо образование што се форсираше во изминатите години треба да остане зад нас и да ги отвори портите за ова, додаде Азески, кој на новинарско прашање одгвоори дека решение на проблемот со ниските плати е зголемување на БДП на 6-7 отсто.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/06/2019 14:07