Пожар избувна во близина на салата Расадник во населбата Кисела Вода. Стихијата започнала во стан на 5 кат кој во моментот бил празен, огнот набрзо зафатил уште неколку околни станови ….

Додека огнот беснееше, пожарникарите се мачеа да го изгаснат. На лице место можеше да се забележи дека млазот вода нема доволно притисок за да стигне до потребната висина. Во меѓувреме кај присутните се кренала паника. За среќа екипата на крај успеа да ја совлада огнената стихија.

Познавачите подолго предупредуваат дека Македонија има застарена опрема која е несоодветна за посериозни предизвици.

При гаснењето повредени се тројца пожарникари од кои двајца вдишале чад, а еден има повреда на раката. Интервенцијата траеше два и пол часа си во неа учествуваа 11 противпожарни возила.

-Ситуацијата е под контрола, спасени се сите граѓани што беа на шести и на седми кат, спуштени се сите долу и сите се во добра состојба. Имаме тројца повредени пожарникари, едниот има изгореници на десната рака, задржан е на Скопските клиники, а другите двајца пожарникари вдишиле чад затоа што немало доволно воздух за да се отворат прозорците. Сега засега се е под контрола, горе нема никој, изјави командирот на Противпожарната единица Владимир Симоновски.

Според него, се уште не е утврдено која е причината за пожарот, но според првичните сознанија изгледа настанал од кујната.

-Најверојатно пожарот настанал од електрична инсталација или од нешто слично. Од топлината е пробиен и спротивниот стан од другата страна. Имаше тежок пристап внатре во влезот и беа зафатени два други стана од пожарот. Во становите Имаше седум луѓе, меѓу кои две дечиња, а другите повозрасни и сите се во одлична состојба. Последната жена што е спуштена имала проблеми со дишење, но сега е на лекарства и е во добра состојба. До вечер граѓаните ќе можат да си влезат во становите, влезот е слободен, посочи Симоновски.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски порача дека во општината има фондови за вакви несреќни ситуации.

-Процедурата е да ги чекаме извештаите од МВР и потоа со нив граѓаните аплицираат за финансиска помош до општината која што ја одобрува Советот на Општина Кисела Вода. Им се заблагодарувам во мое име и во име на граѓаните на пожарникарите за брзата интервенција и храброста што ја покажаа, изјави градоначалникот Темелковски.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/06/2019 17:45