Република Северна Македонија, се препознава како атрактивна дестинација за инвестиции и постои голем интерес од реномирани компании за инвестирање, изјавија премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев кои денеска во Лондон учествуваа на Форумот за Западен Балкан „Инвестициски можности во брзорастечкиот регион“ во организација на Фајненшал Тајмс.
-Имаме неповторлива можност заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и нашата делегација од економските сектори денеска да присуствуваме на бизнис форум што го организира Фајненшал Тајмс во Лондон и коорганизатор е ЕБОР за разгледување на инвестициските можности за како што го нарекуваат брзорастечкиот регион Западен Балкан за неговата привлечност за странски директни инвестиции. Ја искористивме приликата на присуството на многу менаџери и компании кои се заинтересирани за инвестиции во нашиот регион да ги презентираме сите можности што се доста актуелни и кои го крепат нашиот раст и развој, рече премиерот Заев, соопшти владината прес-служба.
Тој посочи дека Фајненшал Тајмс го препозна вистинскиот момент кога нашата земја важи на меѓународно ниво како една од земјите која има најголем раст на СДИ и земја што покажува најдобри економски перформанси.
-Ги споделивме нашите искуства што ни се случуваат последната година. Денеска имаа можности бизнисмените и сите други да слушнат дека имаме 737 милиони долари СДИ во 2018 во споредба со 205 милиони долари во претходната година или за 260 % поголеми во споредба со просекот од претходните години, како расте индустријата и се намалува невработеноста, рече премиерот Заев.
Тој додаде дека ова е одлична прилика големите компании кои се заинтересирани за нови инвестиции на Западен Балкан да ја препознаат и да ја изберат нашата земја за своите нови инвестиции и, како што рече, целта е да се зголемуваат бројките за раст на работни места и вработеност и да се забрзуваат стапките на економски раст.
Вицепремиерот Анѓушев посочи дека во рамките на еден месец, по Виенскиот економски форум и инвестицискиот форум во организација на ЕБОР во Брисел, инвестицискиот форум во Лондон во организација на Фајненшал Тајмс е трет значаен настан, на кој пред претставници на реномирани компании беа претставени економските политики на Владата на Република Северна Македонија, како и можностите за инвестирање во земјата.
-Слободно можеме да кажеме дека интересот кај компаниите е огромен за тоа што се случува во Република Северна Македонија. Нашата држава е светла точка во Западниот Балкан и ја искористивме оваа можност дополнително да ги информираме компаниите за економските политики на Владата и да ги промовираме можностите за инвестирање во земјата. Фокусот на Владата е да привлекува реномирани странски инвеститори, во изминатите две години 20-ина компании започнаа со инвестициски проекти, имаме рекордно ниво на странски директни инвестиции, раст на бруто домашниот производ, намалување на невработеноста, се се тоа позитивни економски параметри кои го мотивираат интересот на инвеститорите за нашата земја. Република Северна Македонија ја презентиравме како одлична дестинација за инвестиции, но и како локација во која се произведуваат квалитетни производи кои се извезуваат во Европа и светот, потенцира вицепремиерот Анѓушев, стои во соопштението.