Словенецот Сташ Скубе ќе остане во Вардар до 2022 година. Тој го продолжи договорот со двојниот европски првак и во иднина ќе биде еден од носителите на играта кај „црвено-црните”.

– Скубе дојде на почетокот на сезоната и веднаш се наметна како една од важните алки во играта на Вардар. Стана миленик на публиката и битен дел од играта на тимот. Неговите игри на некои натпревари беа од огромна важност за конечниот исход, и како играч и личност покажа голема професионалност, објави РК Вардар на клупскиот сајт.

Сезоната што заврши Скубе во ЛШ постигна 59 гола, а 44 во СЕХА Газпром лигата. Освои четири трофеи, почнувајќи од домашниот Суперкуп, па СЕХА Газром лигата, првенството на Македонија и ЕХФ Лигата на шампионите.

– Задоволни сме што Сташ останува со нас и во следните сезони. Со продолжувањето на соработката сигурни сме дека ќе бидеме уште подобри, а тој ќе продолжи да биде еден од лидерите во тимот. Вардар го задржува костурот на тимот и сериозно се подготвува за предизвиците во сезоната 2019/2020, изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/06/2019 13:06