Австриската армија е принудена да штеди и поради тоа ја откажува традиционалната презентација на своите капацитети во центарот на Виена на државниот празник.

Министерот за одбрана во преодната влада, Томас Штарлингер пред неколку дена предупреди дека армијата може да банкротира, доколку не почне да штеди.

Според интерен документ на Министерството за одбрана, состојбата во војската е драматична и армијата само оваа година мора да заштеди 47 милиони евра.

Планирано е намалување, но и откажување на манифестации, меѓу кои и главната на 26 октомври, на државниот празник, кога војската во центарот на Виена секоја година ја претставува својата техничка опрема.

Според весникот „Клајне цајтунг“ само оваа презентација чини два милиона евра и затоа ќе биде укината.

Се проценува дека расположивиот буџет за следната година ќе биде премал, доколку не се расформираат некои единици и затворат некои касарни, бидејќи трошоците за вработените ќе се зголемат на 1,59 милијарди евра, што е 70 отсто од вкупниот буџет на војската.

Штарлингер исто така предупреди дека војската доколку нема средства нема да може да учествува во меѓународни мисии, особено на Балканот, каде што се најбројни.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/06/2019 15:32