Екипите на Градот Скопје денеска ја започнаа реконструкцијата на коловозот на улицата Московска во општина Карпош. Увид во градежните работи на оваа делница изврши градоначалникот Петре Шилегов.

-Градот Скопје продолжува интензивно со реконструкцијата на инфраструктурата под надлежност на Градот. Денеска сме на улицата Московска, каде што ја почнавме реконструкцијата на коловозот во должина од 690 метри, предвидено е да не чини околу 8,2 милиони денари и да се заврши во рок од 20 дена - рече Шилегов.

Реконструкциите на сите улици оваа градежна сезона Градот ги завршува со рекордно кратки рокови со цел да обезбеди услови за одвивање на сообраќајот без создавање на сообраќаен метеж.

-Вечер ќе го затвориме мостот Гоце Делчев од 17 часот до 22 часот од ТЦ Мавровка во правец кон Владата, а утре во истиот период ќе го затвориме во обратен правец за да извршиме реконструкција на мостот - кажа Шилегов.

Во текот на изминатите месеци целосно беа реконструирани улиците Димитија Чуповски, Љубљанска и Антон Димитров, а реконструкцијата е во тек на улиците Февруарски поход, Лазар Трповски, Ѓорче Петров, Лазар Личеноски, Московска и булеварот Партизански одреди.

Градоначалникот Шилегов, повторно ги замоли граѓаните, за разбирање додека траат градежните активности, бидејќи целта е на крајот во Скопје да имаме функционален, модерен и безбеден сообраќај кој целосно ќе ги задоволува потребите на граѓаните. Исто така, тој упати апел до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената патна сигнализација и на дневна основа да ги следат информациите за привремен сообраќаен режим што ги објавува Град Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/07/2019 13:40