Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ денеска ја пушти во употреба новата веб платформа со која сите услуги на претпријатието стануваат достапни и по електронски пат.
Директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, Васко Кичевски на денешната прес-конференција во Скопје на која беше презентирана новата веб платформа, појасни дека отсега граѓаните нема повеќе да мораат да доаѓаат во просториите на претпријатието, зашто сите услуги ќе им бидат достапни со само еден клик, од кој било уред, на кое било место и во секое време.
– На новата веб платформа преку порака граѓаните ќе можат да бидат во постојана, 24-часовна, комуникација со наш вработен и во секое време да ги адресираат своите прашања, жалби, барања, истакна Кичевски. Директорот додаде дека новата веб страница поседува вградена заштита од неавторизиран пристап кон податоците од посебен интерес, односно ги задоволува највисоките стандарди за заштита на податоците на нашите корисници.
Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, изрази задоволство од резултатите од истражувањето на јавното мислење за работењето на ЈП ПОЦ на кое повеќе од 60 отсто позитивно ја оцениле работата на претпријатието.
– Ова за нас е доказ дека сме на вистинскиот пат и мотивација повеќе да продолжиме да работиме во интерес на граѓаните. Ме радува фактот што високи 75 отсто од испитаниците изразија задоволство од претстојната дигитализација на услугите, што покажува дека граѓаните ги препознаваат придобивките од истата и позитивно ги оценуваат нашите заложби за воведување новини во работењето.
Богдановиќ додаде дека со дигитализацијата на услугите на ЈП Паркинзи на Општина Центар ќе покажат подготвеност да одговорат на предизвиците на новото време, да го следат трендот на дигиталната ера и на граѓаните да им понудат платформа за брз и едноставен пристап до сите услуги кои ги нуди претпријатието.
Од денеска сите корисници, по креирање на личен профил на веб страницата на Јавното претпријатие, ќе можат по електронски пат да склучуваaт и продолжуваат договор за резиденти и нерезиденти, да извршат електронска наплата и да изберат како опција договорот и/или картичката, во промотивниот период, бесплатно да им бидат испорачани на домашна адреса.
Како што информираат од ЈП Паркинзи на Општина Центар, преку новата веб платформа корисниците ќе можат да плаќаат дневна паркинг карта, месечен билет и други типови на билети, да вршат проверка на состојба на М-карта со целосен увид на билансот на картата, како и пријавување на гостинска регистарска табличка, проверка на состојбата на гостинските часови и надополнување и наплата на истите преку кредитна картичка, трансфер на пари и/или e-вирман. Сите рекламации и потребни информации граѓаните ќе можат да ги адресираат преку електронска форма или директно преку веб страната до Повикувачкиот Центар. Доколку се согласни, сите регистрирани корисници ќе можат да ја изберат опцијата да добиваат известувања во форма на неделен е-маил билтен и на тој начин да се информираат за работата, активностите и новините кои ги нуди претпријатието.