Во текот на денешниот ден, ЈП „Комунална хигиена“- Скопје реализираше едукативно-информативни активности со граѓаните од скопската општина Центар. Приближно стотина граѓани беа информирани дека несовесното одлагање на комуналниот, кабастиот и градежниот отпад доведува до создавање диви депонии и загадување на животната средина.
Со граѓаните од оваа скопска општина беше разговарано и за актуелните проблеми со коишто се соочуваат екипите на Претпријатието, како што е паркирањето на приватните автомобили во непосредна близина на контејнерите, со што се блокира пристапот на специјалните комунални возила и се оневозможува собирањето и транспортот на комуналниот отпад, како и одлагањето на отпадот на платформите на подземните контејнери.
ЈП „Комунална хигиена“- Скопје очекува едукативно-информативните активности да резултираат со намалено прекршување на Законот за јавна чистота и воедно поздрава и почиста животна околина.