Се проширува опсегот на компании што можат да добијат финансиска поддршка од државата. Предвидените 75 милиони евра поддршка за стопанството со најновите измени на Законот за финансиска поддршка на инвестициите им стојат на располагање на над 4.000 компании, од кои најголемиот дел се домашни. Измените се донесени, правилниците се потпишани и треба утре да се објават во Службен весник, а компаниите може да поднесуваат барање од понеделник. Новите услови може да ги користат и компаниите што веќе имаат договори со претходниот закон.
Измените денеска на прес-конференција ги претставија вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши, според кои критериумите се транспарентни, јасни и без договорање и однапред познати, а кои се олеснети и овозможуваат повеќе компании да аплицираат.
– Измените се во насока на поголема поддршка на индустријата и економијата, а се опфаќаат фирми кои не беа опфатени првично со Законот. Со нив барање за финансиска поддршка може да поднесат компании од ИТ секторот, компании од преработувачката индустрија што не се опфатени со ИПАРД, а сакаат да направат индустриско производство. За финансиска поддршка може да поднесе барање и компанија од секторот трговија, но за да направи производствена дејност, како и од градежниот сектор, но не за изградба на станови, туку за делот на производната активност, информира вицепремиерот Анѓушев.
Тој истакна дека според податоците од Централниот регистар над 4.000 компании ги исполнуваат новите критериуми, но оти средства ќе добијат оние што ќе инвестираат. Никој, појасни, нема да добие средства за нешто што во иднина ќе инвестира, туку само врз основа на реализирано.
Со измените на компаниите им е оставена можност да флуктуира бројот на вработени до пет отсто, а што според вицепремиерот произлегува од тоа што некои компании го губат стучниот кадар и не можат да најдат нов, како и поради купување нова технологија што е автоматизирана.
Изменетите критериуми може да ги користат и компании што веќе имаат потпишано договори за финансиска поддршка со анексирање, соопшти Анѓушев кој рече дека со законот досега биле опфатени 600 компании, а дека поддршка добиле над 300 компании, потпишани се 30-тина договори за изградба на производствени капацитети од кои 20 се во ТИРЗ а 10 надвор од зоните.
-Минатата година поддршката кон стопанството беше над 45 милиони евра, годинава таа е 70 милиони евра. Средства ќе има доволно за сите компании што ќе ги задоволат критериумите. Имаме и посебни средства за веќе склучените договори, рече Анѓушев и додаде дека сите компании што минатата година потпишале договори ги добиле средствата заклучно со 25 декември.
Ги повика сите компании да поднесат барање и да ги искористат новите олеснети критериуми. -Оние што веднаш ќе аплицираат ќе добијат договор до 15 октомври и до 15 ноември може да поднесат барање за исплата, а средствата на своите сметки ќе ги добијат на 25 ноември, истакна Анѓушев.
Министерот за економија посочи дека компаниите што работат надвор од зоните може да поднесат барање до Агенцијата за инвестиции, а тие од зоните во ТИРЗ.
Измените се донесени и објавени во Службен весник, а министерот за економија соопшти дека веќе ги потпишал правилниците и оти очекува утре да бидат објавени во Службен весник.