Иран денеска ја повика Велика Британија веднаш да го ослободи иранскиот танкер со нафта кој Британската кралска морнарица го заплени минатата недела поради сомнеж дека ги прекршил европските санкции, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Абас Мусави.
– Ова е опасна игра со последици… легална причина за заплена нема… ослободувањето на танкерот е во интерес на сите земји, истакна Мусави.
Тој порача дека „странските сили треба да заминат од регионот, бидејќи Иран и другите регионални земји се способни да си гарантираат безбедност“.
Иран предупреди и на реципрочни мерки доколку танкерот не биде ослободен.
Британската Влада вчера соопшти дека три ирански бродови се обиделе да го блокираат преминот на британски танкер преку Ормускиот Проток, но се повлекле по предупредувањето од британскиот воен брод.
Велика Британија го подигна на највисоко, трето ниво, предупредувањето за бродовите кои пловат под знамето на оваа земја во територијалните води на Иран.