Сегашниот еврокомесар за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, беше назначен од австриската Влада за уште еден мандат во идниот состав на Европската комисија.

Секоја земја членка на Европската унија именува еден кандидат за еврокомесар кој потоа треба да биде сослушан и потврден од Европскиот Парламент.

Австриската канцеларка вчера официјално го номинираше Јоханес Хан за уште еден мандат. Доколку Парламентот го потврди, ова ќе биде третпат по ред Јоханес Хан да биде европски комесар.

Австриецот беше комесар за регионална политика во втората Комисија на Жозе Мануел Баросо, и комесар за преговорите за проширување и соседска политика во Комисијата на Жан Клод Јункер, чиј мандат истекува на први ноември.

Засега не се познати портфолијата на идните комесари, тоа ќе биде резултат на политички преговори меѓу земјите членки, но речиси е извесно дека нема повторно да се занимава со проширувањето.

Според дипломатски извори во Брисел, за проширувањето изразила голем интерес Унгарија. Унгарскиот кандидат се очекува да биде Ласло Трошањи, министер за правда во заминување во Владата на Виктор Орбан. Неговото назначување сепак не значи дека автоматски ќе биде прифатен, со оглед на тоа дека европратениците мора претходно да го одобрат по темелна аудиција.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/07/2019 12:02