Намаленото производство ги крена цените на градинарските култури во струмичкиот регион. Доматите во зависност од квалитетот се откупуваат од 25 до 40 денари, зелката од 5 до 8 денари, краставиците од 20 до 40 денари, зелената пиперка од сортата „куртовска капија“ е 30 денари, додека црвената се откупува за 60, а бостанот се откупува од 10 до 14 денари за килограм.

Овие цени на пазарите на мало се значително повисоки, па така доматите се продаваат и по 70 денари за килограм.

Земјоделските производители се задоволни од висината на откупните цени.

– Имаме цени од кои сме задоволни и тие се сега добри за нас. Но, за разлика од порано производството е намалено и заради тоа цените се високи, смета Коце Божиков, земјоделски производител од село Дабиле.

Тој очекува овој тренд на повисоки откупни цени да се задржи и за пласманот на пиперката „ајварка“, која треба да почне интензивно да се бере пред крајот на идниот месец.

За трговците високите цени се очекувани, бидејќи производстото е намалено и се принудени дури и да откажуваат нарачки од трговските патнери.

-Засега извезувам само праска, која ја откупувам од 15 до 20 денари за килограм. За другите градинарски производи има интерес, но нема доволно количини.Се чувствува недостиг од зелка и затоа во последните денови откупната цена се зголеми од 5 на 8 денари. Законите на понудата и побарувачката се немилосрдни и треба да се научиме дека само со квалитетно производство можеме да бидеме конкуретни, вели Благој Витанов, трговец од Струмица.

Според податоци од земјоделски здруженија и синдикати, земјоделското производство, посебно градинарското, од година во година се намалува. Таквиот тренд е забележан кај производството на домати, но и кај други култури. Во споредба со други години површините засеани со раноградинарски култури се намалени и за повеќе од 30 отсто.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/07/2019 13:36