Земјоделците се задоволни од воведувањето на „зелената нафта“, но сепак сметаат дека мерката, иако добредојдена, нема да го постигне саканиот ефект. Според нив, субвенцијата од 30 отсто е ниска и треба да изнесува 50 проценти.

Поддршката, како што е сега дефинирана, тешко дека ќе придонесе за намалување на производните трошоци, а оттука и за позначително намалување на производната цена, децидни се земјоделците.

Тие укажуваат и дека потребата од нафта во земјоделството е постојана.

– „Зелената нафта“ требаше да стартува уште лани на пролет, но бидејќи е веќе потпишан Договорот со „Макпетрол“, се надеваме дека конечно, навистина ќе профункционира, иако не во очекуваните размери и количини. Сметаме дека наместо 30 отсто, субвенцијата тредба да изнесува 50 проценти. Средствата за поледелски култури треба да се повеќе. Малку е ова што е сега дефинирано. За многу мал дел ќе се намали производната цена на житарките со субвенционираната нафта. Саканиот ефект нема да се постигне. Мали се и лимитираните количества на производство врз основа на кои, меѓу другото, се определува колку нафта земјоделците ќе можат „без пари“ да купат, вели претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев.

Тој додава и дека никој не ги прашал дали пресметката за потрошувачката на гориво по хетар, што беше изнесена при вчерашното потпишување на Договорот за „зелената нафта“, е правилна или не.

– Нафтата е секогаш добредојдена во земјоделството. По жетвата, во есен, за поледелските култури потребата е дури најголема зашто следуваат орање, сеење,…И во другите сектори, градинарство, овоштарство и лозарство, во текот на цела година има потреба од гориво со оглед дека одредени операции се вршат сукцесивно. „Застој“ има само во зима, истакнува Шаклев.

Со него, околу висината на субвенцијата, се согласува и претседателот на Синдикатот на земјоделци од струмичкиот регион Ристо Велков.

– Нафтата, кога и да се даде, е добредојдена. Во случајов доцни ако се земе предвид за кога беше најавена. Конкретно, во гардинарството, треба три пати годишно, колку што се обработува почвата. Спрема математиката, за наводната потрошувачка од 120 литра, земјоделецот ќе добие 36 литри на хектар нафта бесплатно што е малку. Оттука, тешко дека ќе ја постигне целта – намалени трошоци и поголема економичност, нагласува Велков.

Според него, најбитно во земјоделството е да се постигне релевантна цена на чинење, сигурен пласман и добра цена, барем 30 отсто до цената на чинење на производството.

– Со „зелната нафта“ ќе се намалат трошоците, но не доволно. Ако крајната цената на производите се зголеми, тоа ќе биде благодарение на се што се случува во земјоделството: намалени површини поради климатските фактори, ниски продажни цени на производите, се помалку работна рака и стара популација што се занимава со производство. Всушност, сметам дека цената ќе се зголеми поради уште понамеленото производство, посочува Велков.

И претседателката на Националната федерација на фармери (НФФ), Васка Мојсовска, е со сличен став. Очекува субвенцијата за нафтата да се зголеми зашто производните трошоци секојдневно растат.

– Се што е помош и олеснување за земјоделците, го прифаќаме како добредојдено. „Зелената нафта“ требаше да „стигне“ уште пролетта, а две години се најавуваше. Во секој случај е добредојдена, макар и во овој период. Сега почнува есенската сеидба, па земјоделците ќе може да ја искористат. Сепак, сметаме дека субвенцијата од 30 отсто е малку. Се надеваме дека во иднина ќе се зголемува зашто трошоците секојдневно растат и најголем дел од нив се поврзани со нафтата, нагласува Мојсовска.

Договорот за „зелената нафта“ вчера го потпишаа директорот на Платежната агенција Николче Бабовски и директорот на АД „Макпетрол“ – малопродажба Зоран Доневски. Како што беше речено, до крајот на месецов ќе бидат поделени дел од персонализираните картички, па некои од земјоделците веќе ќе можат да купат субвенционирано гориво.

„Зелената нафта“ ќе се продава во сите 125 бензински пумпи на „Макпетрол“ низ државава, а картичките, со различен вредносен износ, од 500 до 100.000 денари, зависно од големината на пријавената површина и видот на културите, ќе може да ги користат исклучиво земјоделците – сопственици и тоа само за купување „ЕУРОДИЗЕЛ“ за земјоделска механизација.

– Кој колку пари ќе има на картичката ќе зависи од големината на површините и видот на земјоделските култури, но покриени ќе бидат сите земјоделци, и оние со најмали парцели од 0,2 хектара. Целта на оваа мерка која се однесува на лозарството, овоштарството, поледелството и градинарството, е да ги поттикнеме производителите да го зголемат производството, но и да им помогнеме тоа да биде поевтино, со помали трошоци, истакна Бабовски по потпишувањето на Договорот.

Тој апелира при првото полнење нафта со картичката, земјоделците задолжително да ја проверат состојбата на картичката и да ја споредат со износот на одобрената финансиска поддршка потврдена во решението. Проверката се прави на касата на бензинските станици на „Макпетрол“.

За максимум два месеца „Макпетрол“, кој го доби тендерот, треба да ги испорача сите персонализирани картички за „зелена нафта“, а распределбата ќе оди фазно, по подрачни единици. Предвидено е 55.000 земјоделци да добијат персонализирани картички.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/07/2019 15:35