Проектот за унапредување на воспитно-образовниот процес и секојдневната грижа на децата со посебни образовни потреби од основните училишта, кој е дел од програмата „Општинско-корисна работа" за 2018 година, е успешно реализиран во соработка со УНДП, соопшти Општина Аеродром.
Општина Аеродром денеска им додели потврди за успешно реализиран работен ангажман на 10 образовни и шест лични асистенти, кои во текот на изминатата учебна година им даваа поддршка во образовниот процес на учениците со посебни образовни потреби од основните училишта на територијата на Општината. Асистентите добија и сертификати за успешно завршена обука за образовни и лични асистенти, кои им ги доделија УНДП и Министерството за образование и наука.
– Општина Аеродром и во иднина ќе продолжи со поддршка и реализација на проекти за социјална инклузија, која е од клучно значење во градењето општество без дискриминација, со еднакви права и можности, наведува Општината.