Реализираните приходи во државниот буџет во 2018 година се за 8,8 милијарди денари повисоки во однос на претходната 2017 година или за 5% повисоки, додека буџетскиот дефицит е помал од проектираниот и изнесува 1,8% од БДП, рече на комисиската расправа во Собранието за Завршната сметка, заменик министерката за финансии Ширет Елези.

Заменик министерката рече дека реализацијата на приходите во 2018 година била во согласност со очекувањата, додека расходите се извршувале редовно и навремено.

- Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија се реализираа во износ од 188,5 милијарди денари и истите се наменија за финансирање на расходите реализирани во износ од 200,1 милијарди денари. Остварувањето на приходите и расходите во наведените износи резултираше со дефицит на Буџетот на Република Северна Македонија во износ од 11,5 милијарди денари, при што истиот бележи помала реализација во однос на планираниот за 6,5 милијарди денари и е реализиран на ниво од 1,8% од БДП.-рече Елези.

Елези посочи дека минатата година имало одлична наплата на даночни приходи со 99,9% реализација од проектираното, или во споредба со претходната година наплатата била подобра за 9,4%. Таа рече дека приходите од социјалните придонеси биле остварени целосно, и истите обезбедиле редовно финансирање на законските обврски на социјалните фондови.

-Во рамки на вкупните буџетски расходи, тековните расходи се остварија во износ од 187,9 милијарди денари, односно пониска реализација од 2,1% во однос на планот, како резултат на строгата контрола на трошењето на овој вид на расходи без притоа да се наруши редовното покривање на сите обврски на државата и непречено остварување на функциите и активностите на буџетските корисници - рече заменик министерката.

Елези посочи дека финансирањето на буџетскиот дефицит во 2018 година се реализирало согласно со целите за прудентно управување со јавниот долг, односно со најнизок можен трошок и развој на ефикасен домашен финансиски пазар.

Односи со јавност, Министерство за финансии



Автор: Администратор
Објавено на: 18/07/2019 12:58