Жителите на главниот град кои летово нема да заминат на одмор ќе можат да се разладуваат во Олимпискиот базен „Центар“, Аквапаркот, базенот во СЦ „Борис Трајковски“, Воениот базен во Аеродром и базенот „Расадник“.

Надлежните од базените велат дека водата е најчиста, најквалитетна и најбезбедна по сите светски стандарди и оти има интерес од посетителите. Во ниеден од базените не е дозволено внесување храна, вода, пијалаци, затоа граѓаните треба со себе да си понесат дополнително повеќе пари. Во некои базени задолжитечно е носење капа за пливање.

Олимписки базен „Центар“

Раководителот на Олимпискиот базен „Центар“, Мартин Маневски, за МИА изјави дека овој базен е со најдолго искуство во пливачките спортови во нашата држава.

– Базенот работи преку целата година со константна температура на водата согласно правилниците на Светската пливачка федерација и Европската пливачка федерација за да овозможиме најдобри услови за нашите посетители. Работното време преку целата година е секој ден освен понеделник. Во летниот период работиме од 7:00 до 17:00 за рекреација (утринска и дневна), од 17:00 до 20:30 со школи за пливање и пливачки клубови и од 20:30 до 23:00 рекреација – ноќно капење, изјави Маневски.

За време на дневната рекреација, која е популарна опција за граѓаните да се разладат во овие жешки скопски денови, работи и терасата, каде што имаме бесплатни лежалки и чадори за посетителите, а работи и шанкот со ладни пијалаци, сокови и храна.

Маневски посочи дека ноќната рекреација е традиција за Олимпискиот базен „Центар“ и е еден од ретките можеби и единствен што ја има оваа опција со одлични услови за нашите посетители. – Во летниот период работат и школите за пливање во нашите клубови со најдолго искуство во државата (Вардар, Работнички, Орион, Младост, Студент, Пингвин, Звезда, Лириа, Ноти, Вардар 2018, Делфин…) и се посетени најмногу од најмалите кои сакаат да научат правилно да пливаат и да почнат да градат здрави навики преку спортот, да се дружат, да развиваат натпреварувачки дух и правилно да се развиваат од најрана возраст, но имаме и групи за возрасни. Целата листа на клубови е достапна на www.olimpiskibazen.com.mk/skoli.html, додава Маневски.

Тој нагласи дека квалитетот на водата е на највисоко можно ниво и таа е филтрирана електронски 24/7. Квалитетот се проверува секоја недела од страна на Центарот за јавно здравје „Скопје“, а подовите на базенот се чистат со подводни роботи специјализирани за таа намена.

– Хигиената се држи на највисок степен и претставува приоритет за нас, потенцира Маневски.

Цената за дневна рекреативна влезница е 250 денари, а има и месечни припејд-картички, на пример пет влеза – 1.000 денари, осум влеза – 1.300 денари, 12 влеза – 1.600 денари и слично. Сите цени се достапни на www.olimpiskibazen.com.mk/info.html

Аквапарк

Аквапаркот оваа година повторно нуди интересни содржини за сите возрасти: десет атрактивни тобогани, базен со бранови, бумеранг, детски базен, како и ново детско катче за забава во песок.

Тина Мицковска, одговорна за односи со јавност во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, за МИА изјави дека новитет е и полудневната карта, која ќе може да ја користат сите кои во текот на денот се на работа, а сакаат да се релаксираат во попладневните часови.

– Водата во сите базени е збогатена со калциум хипохлорит, што ја прави најчиста, најквалитетна и најбезбедна по сите светски стандарди и е единствена од таков тип во нашата држава. Првпат годинава има и детско катче – базенче исполнето со песок и реквизити за играње и забавување на плажа. Полудневните билети важат само преку недела, од понеделник до петок, додека, пак, за викенди картата е 300 денари, изјави Мицковска.

Покрај стандардните содржини за капење и уживање, во текот на вечерните часови ќе се организираат и забави, а просторот ќе може да се изнајмува и за родендени, момински и ергенски вечери. Во рамки на Аквапаркот има и неколку шанкови, каде што посетителите можат да се освежат со пијалаци или, пак, да ручаат или да вечераат во ресторанот над Аквапаркот. Базен „Карпош“

На базенот „Карпош“ рекреативниот период е од 07:00 до 17:00 и од 21:00 до 23:00 часот од понеделник до петок. Во сабота и недела, пак, базените за рекреација работат од 07:00 до 23:00 часот. Во детскиот базен може да се прослави и спортско-рекреативен роденден за деца, со тренер и аниматори.

Дневниот билет чини 200 денари, а месечниот 1.200 денари за период од 07:00 до 12:00. Пакетите за базен може да се комбинираат и со сауна, вежбалница и аеробик. Во рамки на базенот и тениските терени има кафуле, каде што посетителите можат да се освежуваат.

Базенот „Карпош“ поради големиот интерес летово ќе може да се користи секојдневно за рекреативно пливање од 8:00 до 23:00 часот. Задолжително е носење капа за пливање.

Базен „Аеродром“

Скопјани можат да се разладуваат и во базенот „Аеродром“, односно во малиот и големиот базен. Посетителите можат да купат кафе или други пијалаци на барот покрај базенот или да одиграат партија одбојка на песок…

На веб-страницата на базенот се наведува дека целиот комплекс е комплетно реновиран пред почетокот на летото во 2013 година. Воведен е систем за прецизно филтрирање на водата, а во рамки на базенот работи и стручен спасувач, кој се грижи за безбедноста на сите посетители… Базенот работи секој ден од 10 до 18 часот. На фејсбук-страницата на базенот е најавено дека поради високите температури се продолжува работното време до 19:30 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/07/2019 13:30