Во изминатиов период се поднесени преку 9.000 барања за приватизација на државното земјиште, што укажува дека кај граѓаните постои голем интерес за оваа приватизација, откако минатата година беше дадена нова можност за поднесување барања, беше истакнато на денешната средба на заменик министерката за финансии Ширет Елези и директорката на Управата за имотно-правни работи Шасине Касами.

Како што соопшти Министерството за финансии, на средбата било посочено дека забрзано се работи на решавање на сите поднесени барања, при што има околу 11.400 нови решени предмети.

Заменик министерката Елези изјави дека давањето нов рок за поднесување на барања за приватизација до крајот на 2021 година, било во насока да се излезе во пресрет на граѓаните кои по истекување на рокот во 2014 година не можеле да си го приватизираат земјиштето.

– Кога се правеа законските измени во Министерството за финансии ги земавме предвид барањата на граѓаните. Имено, тогаш пристигаа реакции од граѓани кои не успеале да го запазат рокот за поднесување барање во 2014 година, како граѓани кои живееле во странство, но и граѓани кои живеат во земјава. За таа цел со законското решение го продолживме рокот до крајот на 2021 година. Согласно податоците и новоподнесените барања во Управата за имотно-правни работи се гледа дека има интерес кај граѓаните и дека продолжувањето на рокот е основано, нагласи Елези, додавајќи дека е најважно да има и добра динамика на решавање на поднесените предмети.

Директорката Касами информираше дека забрзано се работи на решавање на предметите, како новоподнесените, така и стари, нагласувајќи дека од вкупно поднесените 232 илјади предмети веќе се решени преку три четвртини.

Во соопштението се посочува дека е изработена веб-платформа privatizacija.gov.mk, преку која граѓаните ќе можат да се информираат во која фаза им се наоѓа предметот и во секој момент до каде е нивното барање. Во моментот во системот се достапни само предметите за приватизација од 2018 и 2019 година, а во тек е и постапка на внесување на старите предмети, со тенденција во текот на наредната година да се внесат и да бидат достапни сите стари предмети кои се во постапка.

– Порталот privatizacija.finance.gov.mk за проверка за статус на предмет се користи многу едноставно. Се што е потребно е архивскиот број на предметот, која година е поднесен, катастарската парцела и општина каде е поднесен или матичен/даночен број. Софтверот на е-маил доставува податоци за статусот на предметот. Пуштањето на порталот е само еден од чекорите кои ги преземаме за Управата за имотно правни работи да биде ефикасна и модерна институција која е ориентирана кон граѓаните и фирмите, а понатаму ќе се стремиме да се усовршуваме, да воведуваме и други новини, да учествуваме и во други проекти, се со цел поефикасно и побрзо решавање на барањата на граѓаните и фирмите, изјави Касами.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/07/2019 13:31