Собранието на Република Северна Македонија попладнево во рамки на 106. седница ја донесе Завршната сметка на Буџетот за 2018 година. Вкупно 49 пратеници гласаа „за“, еден беше воздржан, а 17 беа против.

Заменик-министерката за финансии Ширет Елези денеска информираше дека фискалната политика во 2018 година се реализирала во рамки на планираните износи со Буџетот, односно реализацијата на приходите била во согласност со очекувањата, додека расходите се извршувале редовно и навремено. Вкупните приходи на Буџетот се реализирале на ниво од 97,9 проценти во однос на планираните, додека вкупните расходи се реализирале на ниво од 96,7 проценти од планираните.

Пратениците попладнево ја продолжија расправата. Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ смета дека Владата лани не направила ништо, а тоа, рече, се гледа и од Извештајот на Завршната сметка на буџетот за 2018 година. Според него, ако сака некоја Влада да се пофали тоа треба да бидат изградени патишта, реконструирани и изградени нови болници, нови училишта, спортски сали, нови студентски домови…

– Оваа Влада во 2018 година не може да се пофали со ништо такво. И оние патишта кои беа почнати да се градат во минатото, стопирана е нивната градба, посочи Илиоски. Праша до каде е реализацијата на ветените проекти за граѓаните, како студентскиот центар, клинички центар, училишта, спортска сала, Клиничката болница во Битола… Потсети дека власта ги зголемила даноците, акцизата, државата е задолжена со дополнителни 535 милиони евра…

Самка Ибраимовски од Партијата за целосна еманципација на Ромите рече дека поучени од оствареното и презентирањето на оваа завршна сметка, за идната година како приоритети во буџетот треба да бидат повисоки стапки на раст на економијата, унапредување на системот на социјална заштита, интензивирање на процесите кон ЕУ и НАТО. Рече дека приоритети треба да бидат образование, здравство, вработување и домување.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/07/2019 22:07