Со зголемување на годишниот производствен капацитет од 20 на 55 мегвати преку нова инвестиција од 200.000 евра, првата фабрика за производство на фотоволтаични модули во земјава „Пиксел Груп Скопје“ го прослави првиот роденден.

Првата година, како што велат од менаџментот, помина во макотрпна работа на воспоставување на производство, усовршување, учење и сертификација со што во моментов стана најголем регионален производител на фотоволтаични модули.

Компанијата која започна со 20 сега има 25 вработени и произведува монокристални и поликристални фотоволтаични модули изработени по сите светски стандарди, а од неодамна и хибридни, односно фотоволтаично-термални колектори, во објект кој ги задоволува сите светски критериуми.

До крај на фабриката годинава планира да почне производство на бифацијални панели кои имаат за 30 отсто поголема ефикасност, бидејќи покрај директната сончева светлина ја впиваат и светлината што се рефлектира од земјата, како и фасадни и флексибилни панели. „Пиксел Груп Скопје“ произведува модули по стандардни димензии, но има можност да произведува и по нарачка и барање на купувачот.

– За една година во целост ја реализиравме првично зададената цел и дојдовме до оптимализирано производство од 55 мегавати со што во секое време можеме да одговориме на барањата на купувачите во земјава и регионот. Високиот квалитет на нашите производи се потврдува преку продажните резултати. Веќе произведовме 10 мегавати фотоволтаични панели од кои најголем дел се пласирани во продажба. Наши комитенти се Витаминка Прилеп, Макпрогрес Винчини, Адора, Ариље метал, Мак тоис, Ларс, ФФМ, Агрогама, а наши панели се поставени и на покривите на 108 училишта и градинки во земјава, рече директорот на „Пиксел Груп“, Горанчо Паунов на денешната прес-конференција.

Тој нагласи дека компанијата има извонреден производ кој со ништо не заостанува квалитативно и кавнтитативно на она што се нуди на европскиот и светскиот пазар, а тоа, како што кажа, го потврдуваат и нивните клиенти. Во соработка со ЕТ солар и професорот Илија Насов развиле и нов производ – фототермален панел кој во исто време произведува електрична и топлинска енергија.

Паунов посочи дека компанијата е подготвена да одговори на предизвикот за изградба на 200 мегавати фотоволтаични електрани на државно и приватно земјиште што го најави Владата и да понуди врвен квалитет.

Димитар Ковачевски појасни дека успехот на компанијата се должи на вработените млади високостручни електро и машински инженери и техничари, кои поминале врвни обуки за управување со најсовремената производствена опрема и на ангажираните реномирани домашни и странски експерти, кои работат на усовршување на постојните и иновирање на нови производи.

– Целокупната производна палета на „Пиксел Груп“ е сертифицирана со најстрогиот и највисок сертификат за квалитет TUV SAAR, со IEC сертификатите што се валидни во ЕУ, како и според комплетната гама на ISO стандардите што значи дека производството ги има задоволено сите светски стандарди за контрола на квалитет на производствениот процес и за контрола на суровините и финалните производи. Секоја суровина, дел и репроматеријал во производството во „Пиксел Груп“ доаѓа од светски реномирани производители со А класа на производи и со сертификат за нив. Секој наш производ поминува низ контролни точки на производство од полупроизвод, преку претфинален до финален производ и за секој произведен производ се чува спецификација во дата базата на компанијата, рече Ковачевски.

Токму заради тоа, додаде тој, се дава светска гаранција за секој производ која е пренослива и важи за кој било сопственик доколку првобитниот сопственик го продаде производот. Копнаијата нуди 10-годишна механичка гаранција, односно поправка или замена на модул ако за тоа има потреба и 25-годишна линеарна гаранција за моќност која гарантира дека производот ќе има моќност од најмалку 83,3 отсто од првично инсталираната, како и сервис за производот и препорака на компании за негово монтирање.

Во компанијата во изминатава година практична настава следеле ученици и студенти од голем број средни училишта и универзитети меѓу кои и студенти од Машинскиот и Електротехничкиот факултет од Скопје. За двајца до студентите, посочи Ковачевски, „Пиксел Груп“ ќе понуди стипендија за нивно усовршување на постдипломски студии.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/07/2019 13:58