Новиот систем за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД), наменет за извозни и увозни царински постапки е револуционерно решение важно во борбата против корупцијата. Овој систем претставува една значајна алатка во борба против корупцијата бидејќи крајната цел е да се работи во безхартиена околина која ќе избегнува директен контакт меѓу царинските службеници и шпедитерите или компаниите.

Ова денеска го посочи директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски на средба со новинари.

– Треба да бидеме сите горди бидејќи ова е прв голем исчекор кон нашето членство во ЕУ. Бидејќи вакви системи имплементирале и другите земји кандидатки. Во регионов нема ниту една, меѓутоа Хрватска, Словенија ова го имплементирале во еден повеќегодишен период, модуларно. Кај нас ова го правиме одеднаш при што опфаќаме шест системи што комуницираат и што се компатибилни со ситемите на ЕУ што е многу важно, вели Танасоски.

Тој појасни дека има два начини на комуникација со ситемот едниот е „system to system“, а вториот е преку „Trader portal“, односно порталот за трговци. Имало софтверски компании што им дале на своите клиенти спремни софтвери да комуницираат со нив и тие од почетокот на имплементација до денеска немале никаквов проблем со „system to system“ комуникација.

– Досега немало прекин на системот, туку дошло до тоа одредени шепдитерски куќи, бидејќи имаа решение кое ќе функционира преку „Трејдер порталот“, кој е наменет за трговци поединци, поединечни декларации или во екстремни случаи кога нивниот софтвер не работи па да се заврши работата преку „Трејдер порталот“. Тоа го злоупотребија и 80 проценти од декларациите ги ставија на „Трејдер порталот“ и нормално е на таков портал што не е наменет за да функционира „system to system“ да дојде до кочење, односно блокирање на тој портал. Во моментите кога тоа се случи, имаше еден таков проблем, ние им објаснивме, дојдоа шпедитерите увидоа дека кај нив е проблемот, дека треба да си го сменат начинот на функционирање „system to system, веќе од утредента имаше промени во нивниот настап. Сега имаме обратно, на „system to system“ се 80 проценти, а 20 проценти се уште некои мали шпедиции што го користат „Трејдер порталот“, објаснува Танасоски.

Тој вели дека системот е функционален и оти декларациите поминуваат, а за увоз и за извоз од имплементацијата на системот се примени над 150.000 декларации, со тоа што прифатени и обработени се околу 60.000, останатите или се во тек на обработка или биле погрешни. Посочи дека има голем број случаи на злоупотреба на името на царината и оти одредени шпедиции кажуваат дека стоката стои заради неколкудневно неработење на системот, што Танасоски тврди дека не е случај и не може и не смее да се случи.

– Системот си прима декларации се обработуваат си поминуваат, а ние имаме плаќања при увоз, ние не смееме да дозволиме буџетот да биде празен. Ние 42 отсто го полниме буџетот на државата. Замислете на што би личело тоа системот на Царинската управа да застане, вели Танасоски.

Софтверот официјално почна да се имплементира на 1 јуни со пуштање во работа на извозот, додека увозот беше пуштен на 3 јули. Ова фазно пуштање на софтверот било на барање на деловната заедница да им даде време да се приспособат на измените што се потребни за имплементација на новиот софтвер. Царинската управа овозможила шест месечна обука каде поминале околу 700 шпедитери.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2019 15:33