Започнува со изведба првото детско инклузивно игралиште во Влае 2, веднаш до плоштадот „Делфина“. Игралиштето ќе се протега на 450 квадратни метри, со мека подлога, а ќе содржи реквизити што ќе можат да ги користат и деца со инвалидитет.

Како што информира денеска градоначалникот на општина Карпош Стефан Богоев, просторот ќе биде целосно оплеменет со канделабри, нови корпи и клупи, а се работи за проект што чини 50.000 евра.

Финансиери на проектот „Инклузивно детско игралиште“ се Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за соработка и развој преку грант добиен од Центарот за развој на Скопски плански регион, во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“. Проектот е еден од дванаесетте проекти со кои во моментот управува Центарот за развој на скопски плански регион, во соработка со Швајцарската конфедерација и Владата

Целта на проектот, како што информира раководителот на Центарот за развој на Скопски плански регион, Љупчо Кец Мицковски, е тоа катче во иднина да претставува место каде што лицата со попреченост ќе се дружат, забавуваат и комуницираат.

Градоначалникот Богоев потсети дека неодамна во Влае отвориле и сензорна соба во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ и најави отворање на две нови во училиштата „Вера Циривири Трена“ и „Аврам Писевски“.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/07/2019 12:29