Македонскиот министер за локална самоуправа Горан Милевски и српската министерка за европски интеграции Јадранка Јоксимовиќ денеска во Лесковац свечено го означија почетокот на Првиот јавен повик за проекти за прекугранична соработка меѓу Македонија и Србија, за што од Програмата ИПА 2 на ЕУ ќе бидат обезбедени 3,5 милиони евра.

– Конечно и ова се случи. Првиот јавен проект за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Србија е објавен на 25 јули и ќе биде отворен до 27 септември. Од ИПА инструментот на ЕУ на располагање имаме вкупно 3,5 милиони евра. Националното кофинансирање за проектите од македонска страна го обезбедува Министерството за локална самоуправа со средства од Буџетот на државата, изјави министерот Милевски на прес-конференција во Лесковац.

Тој ги повика сите заинтересирани субјекти од 16-те македонски општини, 13 општини од Североисточниот плански регион и скопските општини Сарај, Бутел и Ѓорче Петров, како и општините од Јабланичкиот и Пчињскиот округ во Србија да аплицираат со квалитетни и одржливи проекти, што ќе придонесат за подобрување на квалитетот на живеење во регионот.

Српската министерка Јоксимовиќ изјави дека овој настан покажува оти Србија искрено ја развива својата коалиција на партнерства во регионот и во светот и дека денешниот ден е многу важен.

– Ние сакаме пријатели, ние сакаме добри и отворени и политички и економски односи на прекуграничната соработка. Вие видовте, вчера најавивме дека кон крајот на август ќе започне заедничкото интегрирано управување на границите на преминот Табановце-Прешево, меѓу Србија и Северна Македонија, што ќе го олесни протокот на луѓе, стоки и сето она што е темел на европските вредности, па затоа, да се зборува за ЕУ и за соработка е едно, а друго е да прават конкретни чекори, изјави Јоксимовиќ.

Областите на кои треба да се однесуваат проектите се вработувањето, мобилноста на работната сила, социјалната и културната инклузивност, поттикнување на туризмот и зачувување на културното наследство.

На настанот покрај двајцата министри присуствуваше и шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Сем Фабрици.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/07/2019 15:04