Денес прес-конференција одржа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по што одговараше на новинарски прашања.
На прашањето дали смета дека е лоша ситуацијата во економијата во Македонија одговори дека смета дека економијата се движи кон грчкото сценарио и ако продолжиме да се задолжуваме ќе ни останат само 2 избора.
„Првиот избор е да ги сведеме на минимум капиталните инвестиции, впрочем тоа во некоја мерка и се случува, бидејќи капиталните инвестиции се на едно многу ниско ниво, рекордно најниско ниво од тоа што досега било пракса во минатото. И второто е да продолжиме да се задолжуваме до момент кога што нема да можеме да го сервисираме долгот. Инаку нема друга алтернатива за овие авантуристички политики на Зоран Заев.“ - рече Мицкоски.
Одговарајќи на друго новинарско прашање за економската кондиција на Македонија, Мицкоски одговори дека моментално економијата е на ниво да не може да се сервисираат заемите кои се земенени од СДСМ.
„Тоа е како да имате едно семејство кое што ќе го заложи сопствениот дом, без разлика дали е стан или куќа и ќе подигне кредит на тој дом, ќе ги потроши парите по луксузи итн. И потоа кога ќе дојде денот да го отплаќа земениот заем ќе нема како да го сервисира и тогаш ќе остане и без сопствениот дом. Отприлика таква е моментално ситуацијата во Република Македонија и токму еден од трите столба во стратегијата на Зоран Заев за останување на власт беше приграбување на министерството за финансии дополнително задолжување, еве видовте почнуваат несразмерно, нелогично да ја подготвуваат македонската јавност за едно такво задолжување од половина милијарда за изградба на Клинички центар иако имавме Клинички центар кој што требаше да се изгради и ќе беше 5 пати поевтин од овој кој што го планира Зоран Заев, а ќе беше еднакво функционален во споредба со овој кој што го планира Зоран Заев.“ - изјави Мицкоски.
Мицкоски додаде дека така Заев ќе немал можност да се корумпира, а врз основа на анализата на перформансите и структурата на македонскиот буџет е дека практично него ќе му биде потребно издавање на нова државна обврзница која што практично ќе ја понуди на меѓународниот пазар од минимум половина милијарда евра, а кои средства на него ќе му бидат потребни за санирање на буџетскиот дефицит, но истовремено и за обид за корумпирање на граѓаните во Република Македонија.
„Ситно корумпирање се разбира, за да може да игра на картата на кратко помнење за сите оние анационални лоши криминални и погрешни политики кои што беа дел од неговото политички битисување изминативе веќе три години.“ - додаде Мицкоски