Лозарите од Тиквешко бараат повисоки цени за грозјето, реагираа денеска од Здружението „Напредни лозари”, по, како што рекоа, крајно неизвесните и по лозарите крајно поразителни најави и условувања за откуп на грозјето во оваа година.

– Воедно им сугерираме и апелираме како на сопствениците на винариите и откупувачите на грозје, така и на надлежните, дека доколку итно и ургентно не се превземат потребните мерки за подобрување на откупните цени на грозјето, на повидок е лозарско – винарска катастрофа во Тиквешијата и пошироко во останатите лозарски региони во државата. Крај на лозарската приказна, децидни беа од Здружението.

Оттаму нагласија дека винарии најавувале пониски цени од очекуваните, цени кои се помали од цената на чинење на производството на тоа грозје.

– А и еве како: Ако во производството на килограм грозје покрај останатите трошоци, како трошок се вкалкулираат и наплатата на работната рака на сопствениците на лозјата и порастот на цената на работната рака воопшто, оваа година вкупните трошоци за производство на еден килограм смедеревка или вранец, ќе бидат 15 – 20 денари по килограм. Цената се разликува од реон до реон, поради (не)можностите за наводнување, нужниот потребен број на прскања заради заштита и други чинители. Се најавуваат откупни цени од по 11 денари за откупен килограм смедеревка и 13 денари за откупен килограм вранец. Ако на тоа се додадат и субвенциите по хектар од Владата тоа ќе значи дека за еден килограм предадено грозје смедеревка, производителот ќе добие вкупно 12 – 13 а за вранецот 14 – 15 денари. Само по себе се наметнува прашањето нормално ли е некој да произведува нешто за 15 до 20 денари и да го продава за 12 до 15? Нормално дека не е, реагираа од Здружението.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/08/2019 12:14