Рано утринава, 103 ученици од Општина Карпош заминаа на одмор во Република Грција, во кампот „Александра“. Станува збор за осум првенци на генерација, 38 ученици во социјален ризик и 57 спортисти.
Ова се учениците кои во текот на изминатата учебна година покажаа најдобри резултати во наставниот дел и во спортот. Од оваа година, се зголеми опфатот на деца и локалната самоуправа одлучи да даде простор и на учениците од социјално – загрозените семејства.
На овој начин обезбедуваме поттик и поголем простор за дружење меѓу сите ученици кои една недела ќе имаат можност да другаруваат, да спортуваат и да се рекреираат. Предвидени се различни активности за учениците: пинг – понг, игри без граници, тематски забави на плажа, водени спортови, одбојка и др.
Со цел грижа и поддршка на децата, присутни се и лица од Општина Карпош, претставници од Одделението за образование и Одделението за спорт и култура. Дополнително, за децата ќе се грижат и обучени тренери.
Општина Карпош им посакува убав одмор на сите ученици и со нови сили, елан и енергија да ја започнат новата учебна година.