Министерството за економија во понеделник ќе организира состанок со надлежни органи и институции за решавање на проблемот што настана откако Косово воведе забарана за увоз на компири и мед од Македонија.

На состанокот, како што соопшти Министерството за економија, ќе учествуваат претставници од Министерството за земјоделство, Царинската управа , Агенцијата за храна и ветеринарство и други институции. Се очекува да се преземат активности за разрешување на последиците од косовската мерка.

-Што се однесува до наводите од косовската страна дека не е даден одговор на решавањето на прашањето за увоз на икра и млада риба од Република Косово во Република Северна Македонија, Министерството за економија како и другите надлежни институции во земјата веднаш ја информираа косовската страна дека мерката е воведена согласно прописите на ЕУ за увоз на овие производи . Ова е согласно и со Спогодбата за санитарни и фитосанитарни мерки на СТО каде Република Северна Македонија е членка од 2003 година, наведуваат од Министерството за економија.

Министерот Крешник Бектеши ги отфрла како невистинити наодите на Косово и тврди дека земјава во секој момент е подготвена да разговараме со факти и аргументи.

-Согласно правилата на ЦЕФТА, Министерството за економија уште во јуни на редовните состаноци на ЦЕФТА одговори на косовската страна по ова прашање а исто така и Агенцијата за храна и ветеринарство ја извести косовската страна дека новите законски прописи се донесени согласно европската регулатива. Во изминатиот период Агенцијата за храна и ветеринарство направи интензивни напори за надминување на проблемот со цел добивање соодветни информации за животинскиот и рибниот здравствен статус, но вакви податоци не се добиени иако се побарани повеке пати од ресорната институција во Република Косово. Нивните претставници истакнаа дека системот за надзор на рибни болести во Република Косово не се следи, објаснува Министерството.

Дополнува и дека, сепак, земјава во овој период остваруваше интензивни контакти со надлежните институции на Косово за надминување на настанатата состојба, но не се добиени податоци кои би ја потврдиле здравствената состојба на наведените производи од акредитирана институција на Косово.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/08/2019 19:39