По трите освоени медали на кадетската репрезентација на Македонија во бокс на турнирот во Врбас, претседателот на Боксерската федерација Примислав Димовски, на денешната прес-конференција истакна дека ваков резултат не е постигнат одамна.

Тој информира и за ангажирањето на новиот селектор од Куба.

– За прв пат по подолго време освоивме три медали на еден важен турнир. Се надеваме дека ќе продолжиме да остваруваме уште подобри резултати,на моја иницијатива ангажиравме селектор од Куба, Хесус Сојет, станува збор за тренер кој работел во Куба, Холандија и Јапонија. Има големо искуство како боксер и тренер, финалист е на светско првенство и очекуваме да ни помогне во унапредување на боксот, рече Димовски.

Ардијан Аземи кој освои златен медал во категоријата +80 килограми, победи на две борби, е задоволен од прикажаното.

– Боксував против шампионот на БиХ и успеав да го победам, во финалето го победив Вишал Гупта од Индија за златото, многу задоволен од резултатот, изјави Аземи.

Илхан и Ајхан Озмен тренираат во Германија, настапуваат за Македонија, за нив ова се први медали од турнирите.

– Благодарен сум на Македонија што ми даде шанса да настапам за репрезентацијата, донесов сребро од овој турнир и се надевам дека во иднина ќе дојдам и до златен медал, додаде Озмен.

Тренерите Васко Цубалевски и Насер Харуни потенцираа дека освоените медали се поттик за уште повеќе работа и посветеност да се дојде до нови успеси.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/08/2019 17:04