Стручен тим изработи студија со која се укажува на потребите од заштита и поквалитетно управување со парк-шумата Водно и заштира на биолошката разновидност. Со документот, којшто е ревизија на постојната студија за валоризација на природните вредности на парк-шумата Водно од 2009 година, се препорачува формирање две советодавни тела: совет на засегнати страни и научен совет.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов денеска на презентацијата на документот истакна дека значењето на Водно од аспект на биодиверзитетот е големо, а напорите на Град Скопје се насочени кон зачувување на природата и заштитата од пожари.
Тој појасни дека главниот акцент е даден на идентификацијата и валоризацијата на важните екосистеми и живеалишта, како и на поединечните видови растенија, габи и животни и нивната застапеност на меѓународните листи за заштита на биодиверзитетот. Оваа студија, како што рече, е најсеопфатен документ што е изработен досега за Водно.
-Досега, студија со вакви податоци и ваква валоризација овој град не добил и не изработил и токму заради тоа, според мене, откако ќе ја докорегираме и кога ќе биде предмет на донесување од Советот на Град Скопје ќе биде стратешки документ, рече Шилегов.
Градоначалникот потенцираше дека студијата доаѓа во момент кога се завршени околу 90 отсто од градежните активности за изградба на гасоводот на Водно и се пресечени 100 отсто од дрвјата на трасата предвидена за гасоводот.
-Минатата година Градот беше на спротивставена страна во преговорите со Владата и со МЕР. Кога видовме дека измената на трасата за гасоводот е невозможна, поради финансиските и временските импликации врз гасификацијата во државата, го извадивме максималниот бенефит за граѓаните, ја намаливме и видоизменивме постојната траса и кога се уверив дека тоа е оптимумот што може да се постигне се даде зелено светло да може да се изгради гасоводот, рече градоначалникот.
Во советот на засегнати страни ќе бидат вклучени единиците на локална самоуправа чија територија директно е засегната од заштитата на Водно, здруженија на граѓани од областа на заштитата на животната средина, подрачни единици на органите на државната управа, државни јавни претпријатија и установи кои вршат дејности и активности на територијата на заштитеното подрачје и јавни претпријатија и установи чија дејност е поврзана со заштита на животната средина и зачувување на парк-шумата Водно.
Како што рече градоначалникот, во научниот совет, пак, се предлага да членуваат претставници на државни и локални установи, други правни лица регистрирани за вршење научноистражувачка дејност од областа на биолошката и геолошката разновидност и лица кои самостојно вршат научноистражувачка дејност од областа на биолошката и геолошката разновидност.