Американски суд изрече казна од 572 милиони долари за фармацевтската компанија Џонсон и Џонсон поради уделот во поттикнувањето на кризата на зависност од опиоиди во Оклахома.

Тоа е прв случај кој стасал до суд меѓу илјадниците тужби против призведувачи и дистрибутери на опиоиди, препишувани за намалување болка кај пациентите.

Опиоиди се наведени во речиси 400 илјади смртни случаи од предозираност во САД од 1999 до 2017 година, соопшти Центарот за контрола и превенција на болести.

Веднаш по објавувањето на пресудата, компанијата најави жалба.

Од 2000 година досега во Оклахома околу 6.000 луѓе починаа од предозираност со опиоиди.

Претходно годинава државата Оклахома постигна договор со произведувачот на Оксиконтин, компанијата „Парџа фарма“ за 270 милиони долари и компанијата „тева Фармасјутикал“ за 85 милиони долари, така што фирмата Џонсон и Џонсон остана единствена обвинета во случајот.

На седмонеделното судење, адвокатите за државата Оклахома посочија дека фирмата Џонсон и Џонсон спроведувала повеќегодишна маркетиншка кампања, во која е релативизиран ризикот од зависност од тие лекови, а ги промовираше нивните добри страни.

Адвокатите наведоа дека лекарите препишувале премногу од тие лекови, што доведе до пораст на смртните случаи од предозираност во Оклахома.

Фирмата негираше дека правела нешто незаконски, наведувајќи дека нејзините маркетиншки тврдења биле засновани на научна основа и дека нејзините лекови против болка „дураџесик“ и „нусинта“ претставуваат само мал дел од опиоиди препишани во Оклахома.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/08/2019 12:47