Новото општинско основно училиште „Киро Глигоров" во населба Капиштец в среда свечено ќе биде отворено.
Училиштето го решава повеќедеценискиот проблем на жителите од Капиштец кои повеќе нема да треба да ги носат своите деца во училишта во другите населби затоа што од денеска имаат училиште во својата населба, соопшти денеска градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.
Тој посочи дека ова е прво новоизградено училиште по пет децении во Општина Центар, а било ветувано уште во 80-тите години од минатиот век. Училиштето почна да се гради во 2016 година, а целокупната изведба на проектот е во вредност од 5,5 милиони евра. Училиштето, како што рече, го завршивме три месеци пред предвидениот рок и вложивме максимум напори за да овозможиме децата да ја почнат учебната година во ова училиште и да ги поштедиме родителите од префрлување во текот на годината.
– Името на училиштето беше избор на граѓаните. Беа спроведни две анкети, односно првата беше да се предложат имиња, а второ од предложените да се избере името на училиштето. Со последната анкета, беше одлучено со над 50 отсто од граѓаните, а потоа и со согласност од Советот, училиштето да се вика Киро Глигорв по името на првиот претседател на државата, рече Богдановиќ.
Информира дека училиштето „Киро Глигоров" е со модерен дизајн и архитектура, изградено според највисоки стандарди за објекти во кои престојуваат и се образуваат деца. Ќе биде инклузивно училиште, во чиј состав ќе функционира и посебен Дневен центар за деца со церебрална парализа. За таа намена, како што рече, изградивме и комплетно уредивме простор според нивните потреби, но и целиот училиштен објект го адаптиравме на потребите на овие деца. Најави дека ќе вложуваат во целиот образовен процес.
Раководителот на Секторот за уредување градежното земјиште и животната средина во општината и проект менаџер на новото училиште Кире Секуловски соопшти дека училишната зграда се протега на површина од 12.100 квадратни метри и дворна површина од 4.100 квадратни метри. Влезот за ученици е од споредната и помалку прометна улица „Адам Мицкиевиќ", а влез за возила од улицата „Васил Ѓоргов".
Училиштето се состои од приземје, два ката и подземен паркинг со капацитет од 104 возила. Во дворот на училиштето се наоѓаат спортски терени за фудбал и одбојка, урбана опрема – клупи и високо-стоечки лампи за ноќно читање, 26 паркинг-места и простор за партерно и хортикултурно уредување, а целата дворна површина, вклучувајќи ги и игралиштата се осветлени со лед-енергетско ефикасно осветлување.
Во состав на училиштето има 21 училница со акустика на простор,седум специјализирани кабинети за предметна настава,спортска сала и гимнастичка сала, ботаничка градина, трпезарија со кујна, наставнички кабинет и канцеларии за персонал, како и инклузивна просторија – Дневен центар за деца со церебрална парализа.
Секуловски рече дека сите материјали вградени во училиштето се од сертифицирани компании од САД, ЕУ и домашните компании. Внимавале и воделе грижа за квалитетот на воздухот во училиштето и затоа се поставени рекуператори за прочистување на воздухот. Училиштето е поврзано на централното градско затоплување со греење на целиот објект без радијатори, вградени се антибактериски и антиалергени подови, лед-енергетско ефикасно осветлување,посебни тоалети во секоја училница во ниските одделенија, посебни тоалетии посебен лифт за децата со церебрална парализа, противпожарен аларм во секоја просторија, мрежа за безжичен интернет од сите оператори итн.
Тој нагласи дека спортската сала е по ФИБА стандарди, трпезаријата е по ХАСАП стандарди, а посебниот Дневен центар за деца со церебрална парализа е според стандардите и потребите на корисниците.