„Движи се за здравје“ е манифестација која спортскиот оддел при Детскиот културен центар „Карпош“ ја организира во рамки на Европската недела на движењето што почнува денеска, а ќе трае до 22 септември годинава.

Како што информираат од ДКЦ „Карпош“, манифестацијата е од забавно-рекреативен карактер и подразбира вежби за подобрување на моторичкиот развој кај децата од рана предучилишна возраст.

– Целта на оваа манифестација е да се потсетиме кога вежбањето беше забавно. Низ целата недела на движењето ќе ја откриете чистата забава во трчањето, скокањето, качувањето и танцувањето додека сите сме активни заедно, велат од ДКЦ „Карпош“.

Најавуваат дека од секоја градинка од Скопје и околината ќе учествуваат по пет момчиња и пет девојчиња од најголемата група, а на манифестацијата ќе има вежби и со велосипед или тротинет.

„Движи се за здравје“ ќе се одржи по петти пат утре, со почеток во 10 часот на платото пред фонтаната „Лотос“ во Градскиот парк. Манифестација е поддржана од Град Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/09/2019 10:25