Македонскиот и европски шампион Вардар в недела го пречекува Порто во дуел од 2.коло од Лигата на шампионите. Ова ќе биде добра можност вардарци да освојат нови бодови по победата во првата рунда на гости кај Монпелје.

Очекувањата за првата средба на домашен терен во новата сезона од ЛШ, на денешната прес-конференција ги искажаа тренерот на Вардар, Давид Писонеро и левото крило Тимур Дибиров.

- Не очекува важен натпревар против Порто. По победата над Монпелје, треба да ги потврдиме двата бода, бидејќи без успех в недела бодовите од Франција нема да бидат така вредни. Порто е една од најдобрите екипи во светот што играат „седум на шест“. Ние не играме многу често против таков систем па ќе видеме како ќе биде. Сепак, подготвени сме за овој дуел и покрај тоа што зад нас е недела на тешки средби со Металург и Монпелје, изјави тренерот Давид Писонеро.

Предводникот на „црвено-црните“ кажа дека покрај позитивни резултати, на претходните средби сакал и да ги зачува играчите за следните предизвици.

Рускиот интернационалец Дибиров очекува полна сала и два бода од дуелот со Португалците.

- Со нетрпение чекаме да излеземе на теренот во Скопје. Ова е наш прв домашен меч во ЛШ по освојување на трофејот минатата сезона и очекувам полна сала. Знаеме дека секој натпревар во елитното натпреварување е тежок и поради тоа ни треба полна концентрација и максимално залагање. Треба да одговориме на играта „седум на шест“ на противникот. Верувам дека двата бода остануваат кај нас, истакна Дибиров.

Натпреварот Вардар – Порто се игра в недела (22 септември) од 17 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2019 13:27