По повод Светскиот ден на чистењето – 21 септември, Градот Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ денеска почнаа масовна акција за генерално чистење на сите скопски општини. Во акцијата ќе бидат отстранети и графитите со навредлива содржина, коишто промовираат говор на омраза, верска и етничка нетрпеливост. Воедно, во периодот од 21.09 до 24.09.2019 година, во секоја општина ќе бидат поставени специјални садови во коишто граѓаните ќе можат да одлагаат кабаст отпад - стар мебел и отпад од електронската и електричната опрема. Почетокот на акцијата за чистење денеска го означија градоначалникот Петре Шилегов, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, градоначалникот на Општина Гази Баба, Борче Георгиевски и директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани.

- Градот Скопје денеска почнува една масовна акција со која што што ќе помогнеме на општините да се исчистат споредните улици, бидејќи главните градски услици се предмет на секојдневен третман и истовремено да ја промовираме акцијата за собирање на кабаст отпад, односно негово правилно одлагање во специјални садови, а не во контејнерите. Исто така, со оваа акција ќе ги извадиме графитите од ѕидовите кои претставуваат говор на омраза. Тоа не значи дека градот е против урбаната уметност на графитите, туку против говорот на омраза. Урбаната уметност и графитите се симбол на секој град и Град Скопје го стимулира тоа, меѓутоа содржини со говор на омраза се неприфатливи – рече денеска градоначалникот Шилегов.

Садовите за одлагање кабаст отпад ќе бидат поставени на следните локации:

Општина Чаир: - раскрсницата меѓу булеварот Цветан Димов и улицата Коста Абрашевиќ, - раскрсницата меѓу улиците Џон Кенеди и Дижонска, - улица Ресенска, до ресторанот „Фа-Фа“.

Општина Аеродром: - булевар Февруарски поход, во близина на супер маркетот „Рамстор“, кај автобуската постојка на последна 5-ка, - булевар АВНОЈ број 68 - 74 во непосредна близина на маркетот „М“, - населба Лисиче, улица Димитар Туриманџоски, кај полициската станица.

Општина Шуто Оризари: - во близина на „Жито Лукс“, - меѓу улиците Брсјачка буна и Нов живот, кај Спортската сала, - меѓу улиците Нов живот и Гвадалахара, во близина на автобуската постојка на последна 19-ка.

Општина Гази Баба: - населба Автокоманда, улица Лазар Поп Трајков (пред напуштениот објект на „Центро“) - улица Маџари, кај ресторан „Далија“, - населба Железара, кај автобуската постојка на последна 16-ка.

Општина Бутел: - улица Груица Војвода (зад кино „Бутел“), - сквер на улиците Хо Ши Мин и Рудо, Бутел 1, - кај спортската сала „Иван Хаџи Николов“ во Радишани.

Општина Кисела Вода: - улица Ратко Митровиќ, до Спортската сала, - раскрсница на улиците Христо Татарчев и Дебарска, кај „Гет кафе“, - Парк Пушкин.

Општина Центар: - спроти „Вучко“, на аголот на улиците Костурски херои и Борка Талевски, - кај кружен тек во Дебар маало на улица Наум Наумовски Борче, - кај Зелен пазар, на паркингот зад „Макпетрол“, до подземните контејнери.

Општина Карпош: - улица Брадфордска, во близина на ресторанот „Македонска куќа“, во Козле, - улица Женевска, кај автобуската постојка на последна 24-ка, во Тафталиџе 2, - улица Ванчо Мицков бр.50, кај постојните контејнери на ЈП „Комунална хигиена“.

Општина Ѓорче Петров: - улица Даме Груев, десно кај Ромското маало, - населба Хром, улица Воин Драшковиќ, до спортското игралиште, - населба Дексион, кај автобуската постојка на последна 5-ка.

Општина Сарај: - на патот за Грчец, кај „Халк банка“, - село Кондово, кај фурната.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/09/2019 14:07