Само 48 часа по триумфот против Порто во ЕХФ лигата на шампионите за ракометарите на Вардар има нов предизвик, повторно на домашен терен, само во СЕХА Газпром лигата. Утревечер (вторник, 20,45 часот, СЦ „Јане Сандански") гостува Нексе, хрватскиот вице првак.
Традицијата во меѓусебните дуели на Вардар и Нексе е на страна на скопскиот тим. На сите досегашни мечеви одиграни во Скопје од 2013 година па досега победувал Вардар. На сите 12 средби досега само двапати победувал хрватскиот вицепрвак. Последен пат во март годинава кога Вардар ги одигра последните кола по релаксирано откако веќе беше пласиран на Ф4 турнирот и загарантирано му беше првото место.
„ Вчера одигравме многу тешка средба против екипата на Порто. Сметам дека не очекува исто така силен натпревар и утре против тимот на Нексе. За нас победата е најважна и е приоритет. Сакам овој пат за разлика од вчерашниот меч кој беше исцрпувачки да играат повеќе ракометари. На вакви средби и помладите можат да добијат шанса. Сакам да ги пробам и сите пивоти, но и сите ракометари на другите позиции. Се надевам дека сите ќе имаат можност, но тоа ќе зависи од текот на натпреварот и од резултатот. Имаме тежок распоред и треба да играат сите ракометари, вели Давид Писонеро, тренерот на Вардар.
Во новата сезона Нексе двапати беше поразен, во првото коло од Војводина, а потоа и на домашен терен од Татран.
„Нексе загуби во првите два меча, но не е наивен тим. Станува збор за незгодна екипа. Загуби важни ракометари како Шипиќ и Гаџа и сигурно има причина зошто не стартуваа како што сакаа. Тоа е секогаш незгоден ривал за нас. Нашите дуели секогаш биле тешки и со тесен резултат. Играат ракомет кој не им одговара на сите екпи. Ние сме фаворити и мораме да се носиме со таа улога. Очекувам да биде тешко и екипата на Нексе сигурно ќе дојде со желба за да се рехабилитира за првите два порази. Сигурен сум дека ќе биде добро за нас. Сите играчи ќе добијат шанса. Кога имаш натпревари секој трет ден мораш да ги ротираш сите играчи за да можеш да ги имаш сите на високо ниво", вели Дибиров.
Билетите за натпреварот Вардар - Нексе се веќе во продажба, на билетарницата на Сц „Јане Сандански" и преку www.ticketplus.mk