СВР Куманово поднесе кривична пријава против поранешниот в.д. директор на АД Водостопанство Подружница кумановско-липковско поле, Куманово, Ф.Ф.(44) поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, како и против поранешен раководител на одржување С.Ѓ. (63) и сегашен раководител на Сектор за финансии и администрација во АД Водостопанство С.Л. (36) поради постоење основи на сомнение дека сториле кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“.
Како што информира МВР, во временски период од 1 мај 2016 до крајот на месец август 2016, Ф.Ф. , С.Ѓ. и С.Л. со намера за себе да остварат поголема противправна имотна корист, а воедно да го оштетат АД Водостопанство, во наведениот временски период ја злоупотребиле службената положба и овластување, пречекорувајќи ги границите на своето службено овластување.
Тие во наведениот период од правното лице ДПТУ Андре промет ДООЕЛ увоз-извоз, со седиште во село Доброшане, за сопствени потреби во 99 наврати набавиле 990 метри кубни разновиден градежен материјал (природен песок, сепариран песок, природен шљунак и мешовит песок), во вкупен износ од 941.347 денари. Притоа, од страна на правното лице ДПТУ Андре промет ДООЕЛ, биле изготвени и доставени до АД Водостопанство четири фактури, кои биле доставени и до Подружницата кумановско-липковско поле, по што биле одобрени и прифатени од првопријавениот, за што второпријавената во ист ден изготвила четири приемници со невистинита содржина, дека истиот градежен материјал наводно бил примен во магацинот на Подружницата кумановско-липковско поле.
За да биде прикриено незаконското работење, третопријавениот изготвил 99 испратници со невистинита содржина, преку кои разновидниот набавен градежен материјал го распоредил на осум реони на одржување на водоводната мрежа и ставил лажни потписи во графата „примил“, дека наводно девет вработени се задолжиле со разновидниот градежен материјал, а од АД Водостопанство, во периодот од 31 октомври 2016 до 30 декември 2016 во три наврати му биле уплатени на правното лице ДПТУ Андре промет ДООЕЛ увоз-извоз вкупно 941.348 денари, за кој износ е оштетено акционерското друштво, се наведува во соопштението од МВР.