Трката на 100 метри за жени и новата дисциплина штафета 4х400 мешано се најинтересните настани на денешната програма од Светското првенство во атлетика кое се одржува во Доха, Катар.

Кристијан Колмен беше најбрз кај мажите, а вечер на најкратката патека ќе видиме која е најбрза жена на светот. Претходно се трчаат и полуфиналните трки на 100 метри во женска конкуренција, па тие може да најават која спринтерка е фаворит.

Денеска на СП ќе има финалиња во скок со стап за жени, троскок за мажи, трка на 100 метри за жени, 20 километри брзо одење, и во новата тркачка дисциплина, штафетата 4х400 мешано. Во оваа штафета, трчаат по двајца мажи и жени од секоја репрезентација.

По првите два дена на првенството, САД е единствената земја со два златни медали, а американските атлетичари имаат и две сребра, па со четири медали, тие се на врвот и според вкупниот број медали. Втора е Кина со три медали, по едно злато, сребро и бронза.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/09/2019 14:31