Против 25-годишен скопјанец е отворена истражна постапка поради постоење на основано сомнение дека сторил кривични дела – недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи и неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Како што соопшти Обвинителството, на 4 октомври во домот во кој престојувало лицето бил пронајден еден пиштол Застава М88, една рамка со осум куршуми за тој пиштол, една кутија со 25 куршуми од непозната марка и калибар, 17 куршуми долго зрно од непозната марка и калибар, една празна рамка за пиштол, како и еден ловен карабин марка „Црвена застава“. Дополнително, при претресот било утврдено дека осомничениот во домот неовластено заради продажба држел опојна дрога – марихуана со нето маса од 24,54 грама, како и исушени искршени гранчиња од марихуана со нето маса од 24,32 грама.
Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и кои го оправдуваат стравот дека осомничениот би можел да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.