Во наредната година и половина ќе се гради градинка во Волково, општина Ѓорче Петров, со капацитет за 175 деца поделени во осум занимални (од 0 до 6 години).

Како што соопшти Општината, изградбата на градинката е дел од „Проектот за условени парични надоместоци (УНП Проект)“ кој се реализира од Министерството за труд и социјална политика, со финансиска поддршка од Светска Банка, а се однесува на зголемување на капацитетите за сместување деца од предшколска возраст.

Општина Ѓорче Петров аплицирала преку овој проект за изградба на градинката во Волково, а денеска попладне во Владата, како што соопшти Општината, договорот за старт на подготовките за изградба ќе биде потпишан од релевантните страни.

На денешната јавна расправа на која бил презентиран проектот за градинката, градоначалникот на Општината, Александар Наумоски изразил големо задоволство од стартот на подготовките за израдба на овој капитален проект и нагласил дека Волково ќе добие најмодерен објект за едукација на најмладите на место каде што воздухот е најчист, со што значително ќе се намали бројот на дечиња кои чекаат за упис во градинка.

– Во преговори сме за доградба и на градинката „Детелинка“, а преку договор за јавно-приватно партнерство со Министерствата за труд и социјална политика и за здравство, при крај сме се подготовките за старт на изградба на градинката во Дексион. Советот на следната седница се очекува да дебатира и донесе одлука која форма на ЈПП ќе се примени за тоа. Во Дексион очекуваме изградба на градинка за 125 деца, со што остваруваме уште едно ветување во однос на капиталните објекти во Ѓорче Петров, по најавата за изградба на клинички центар во Веле Поле и регулација на коритото на реката Лепенец по современи стандарди, што очекуваме да стартува на почетокот на следната година, рече Наумоски.

Од Општината посочуваат дека околу местото кое е предвидено за градинка во Волково нема други објекти, освен ниски куќи, парцели на кои е предвидена изградба и има пристапна улица.

– Се надевам дека до Нова Година ќе избереме најсоодветен изведувач и оти некаде кон март следната година ќе стартува изградбата. Тоа значи, зависно од временските услови и динамиката на работата на изведувачот, дека за околу година и половина проектот ќе биде завршен, додаде Наумоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/10/2019 16:06