Жители на улицата „Лазар Димитров“ во населбата „11 Октомври“ во скопската општина Кисела Вода реагираат и бараат од општинските власти да ја асфалтираат улицата, која стои раскопана од пред два месеци.
Во дописот испратен до медиумите тие наведуваат дека процесот се одвивал бавно и дека во меѓувреме ЈП „Водовод и канализација“ навремено ги завршиле интервенциите во нивен домен и прашуваат дали и кога општината ќе ја заврши санацијата на улицата.
Од Општината информираат дека секогаш кога се изведуваат градежни активности внимаваат да бидат квалитетно изведени со цел, жителите да добијат целосно сработени и трајни проекти, за што понекогаш треба малку поголем временски интервал.
– Конкретно, за улицата “Лазар Димитров”, паралелно со нашите активности, се работеше и на регулирање на подземната ифраструктура од страна на ЈП “Водовод и канализација”. Ова нешто се прави пред асфалтирање на улицата за потоа да нема раскопување на реновираната улица. Нивните активности завршија минатата недела. Паралелно, активностите на локалната самоуправа не сопреа и во истиот период Општина Кисела Вода работеше на други улици каде имаше потреба од вакви или слични градежни зафати – појаснуваат од општината, од каде додаваат дека работите на улицата ќе продолжат оваа недела.