Засега е непознат сторителот на оштетувањата на камења од десет носечки столбови на Скопскиот акведукт во Визбегово, кој е заштитено културно наследство од прва категорија. Од увидот на полицијата се очекуваат повеќе детали.

Извештајот од терен го чекаат и во Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) од кој ќе се утврди колкава е штетата. Директорот на УЗКН Ацо Костов за ТВ Телма изјави дека најдоцна во вторник би имале податоци на кои позиции и во кој обем се оштетувањата.

Нив ги забележале екипи на Градскиот конзерваторски центар завчера додека работеле на терен за вовед во проект за санација и конезервација на стариот водовод, што треба да се реализира од идната година.

Според директорот на Центарот Коле Чапкановски, можеби диви копачи ги оштетиле столбовите додека барале злато во темелите на акведуктот, бидејќи нивните екипи наишле на траги од огништа околу кои тие, веројатно, се греат во доцните ноќни часови.

За ТВ Телма тој вели дека и претходно, при истражувањата од 3 до 7 октомври, забележале оштетувања, но овие што ги виделе во четвртокот биле многу поголеми и поопасни за овој споменик на културата кој се наоѓа 6,5 километри од центарот на главниот град.

-На 17 октомври забележавме дополнителни, уште поголеми оштетувања од претходните. Подготвувавме извештај, повикани се инспекциските служби од Управата за заштита на културното наследство, составуваат записник. Повикани се и од Министерството за култура, полицијата за да направи увид за да се види кој е тој што ги предизвикува оштетувањата, рече Чапкановски.

Министерството за култура вчера го осуди уништувањето и соопшти дека по извршениот увид се преземени итни мерки за превентивна заштита и има патроли за да го обезбедуваат.

Министерството за култура и Град Скопје во март минатата година го најавија проектот за конзервација и реставрација на акведуктот за што се обезбедени и финансии. Според планот, први за конзервација се неговите најзагрозени делови, а понатамошната реконструкција ќе се одвива внимателно и стручно во неколку фази.

Скопскиот акведукт има 55 арки, граден е од мешан материјал, камен и тули. Го истражувале многу научници, а неговата убавина и монументалност ја забележале и патописци од средниот век.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/10/2019 18:34